Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ останува цврсто посветена на создавање поефикасен, поправеден и социјално поодговорен систем за социјална заштита, преку реализација на конкретни реформи и мерки што директно го подобруваат животот на граѓаните.
По наследените системски слабости, целосно е реформиран начинот на функционирање на системот за социјална заштита преку воведување ново софтверско решение за интегрирано администрирање на паричните права, социјалните услуги и јавните овластувања.
Преку новиот систем на стручните лица во центрите за социјална работа им се овозможува дигитализирано следење на состојбата и ризиците на секое домаќинство, со што се обезбедува поефикасна и попрецизна поддршка за оние на кои им е најпотребна.
Истовремено, се спроведува темелна анализа на условите за остварување на правото на гарантирана минимална помош и правото на социјална сигурност и доколку се утврдат законски пропусти или злоупотреби од претходните решенија, Владата ќе предложи соодветни законски измени во интерес на правичен и одржлив систем.
Во завршна фаза е подготовката на Законот за вработување на лица со попреченост, а паралелно се работи и на воспоставување унифициран систем за проценка на попреченоста, со цел обезбедување еднаков третман и подобра институционална поддршка.
Владата веќе има склучено над 80 управни договори со општини и лиценцирани даватели на социјални услуги за обезбедување услуги во домот и во заедницата, додека мрежата на даватели континуирано се проширува за да се зголемат квалитетот и достапноста на услугите.
По долгогодишен застој, откочен е и процесот за полагање на стручниот испит за негуватели и воспитувачи, со што се решава проблем што со години го попречуваше функционирањето на институциите и професионалниот развој на вработените.
Едно од најзначајните ветувања на Владата е целосно реализирано линеарното зголемување на пензиите за сите пензионери. Со оваа мерка, пензиите се зголемени за 7.000 денари за повеќе од 330.000 пензионери, што претставува директна поддршка за подобрување на животниот стандард.
Воедно, интензивно се инвестира и во зголемување на капацитетите за згрижување и воспитување на децата од предучилишна возраст преку изградба на нови и реконструкција на постојните детски градинки, при што се обезбедуваат услови за прием на дополнителни 3.515 деца низ државата.
ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да ги реализира реформите и проектите што носат конкретни резултати за граѓаните. Наместо празни ветувања, Владата испорачува мерки, инвестиции и политики кои создаваат посилен систем на социјална заштита, повисок животен стандард и посигурна иднина за сите.








