Дијана Илиевска, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, на денешната седница на Комисија за финансирање и буџет истакна дека со ребаланс на буџет ќе се реализираат капитални инвестиции кои ќе значат раст и развој на државата.
„Посебно сакам да истакнам дека капиталните расходи достигнуваат 45 милијарди 936 милиони, што е најсилниот развоен сигнал во целиот документ, односно во целиот ребаланс на буџет“, рече Илиевска.
Илиевска нагласи дека Царинската управа бележи рекордна наплата на царински давачки во државата, потенцирајќи дека резултатите пресликуваат економија која што гради и се движи напред.
„Она што е исто така особено важно и треба да се истакне дека во месец јуни царинската управа има рекордна наплата на царинските давачки во Република Македонија и споредбено со првите шест месеци од 2025 година и оваа година во првите шест месеци има наплата од плус 50 милиони евра. Со што мораме да признаеме дека ова не се само обични бројки туку бројки што пресликуваат една економија што работи и што се движи напред“, посочи Илиевска.
Илиевска додаде дека развојните потпрограми се клучен доказ дека ребалансот на буџет е развоен потенцирајќи дека значат потврда за одговорно управување со јавните финансии.
„Развојните потпрограми исто така се клучниот доказ зошто овој ребаланс на буџет е развоен. Имено тие достигнуваат 41 милијарди 58 милиони денари, што е зголемување за 4 милијарди 216 милиони денари или 11,4%. Во здравството развојните програми растат за 94,4% односно околу 300 милиони денари. Реконструкцијата и доградбата на јавните здравствени установи расте за 187,2% достигнува 460 милиони денари. Во образованието развојните потпрограми имаат зголемување од 220 милиони. Инфраструктурните проекти во општините растат за 120 милиони, а студентските домови преку енергетската ефикасност за 96 милиони денари. Во социјалната политика развојните потпрограми растат за 58,8%. Железничката инфраструктура расте за 743 милиони денари, а кај Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој има зголемување од 190,9 милиони денари или 21,1%. Ова не се само бројки, ова е економска порака за стабилност, доверба и развој, но воедно значи потврда за одговорно управување со јавните финансии“, рече Илиевска.








