07.07.2026

Кузманоска: Со овој ребаланс инвестираме и во идните можности за вработувања и претприемништво

„Зад секоја ставка во овој ребаланс стојат ученици, родители, земјоделци, пензионери, работници, стопанственици и општини кои очекуваат државата да ги препознае нивните потреби“, кажа пратеничка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Биљана Кузманоска, на денешната седница на Комисијата за финансирање и буџет.

Кузманоска посочи дека доколку се погледнат бројките од овој ребаланс најголемото зголемување се забележува кај капиталните расходи, кои се зголемуваат за 5 милијарди 814 милиони денари т.е. за 14,5% и достигнуваат скоро 46 милијарди денари.

„Тоа значи повеќе инвестиции, повеќе патишта, повеќе училишта и болници, повеќе проекти во општините и мислам дека сите ќе се согласиме дека токму таму треба да се инвестира, затоа што капиталните инвестиции пред сè не се трошок, тие се вложувања во иднината. Во исто време со ребалансот се обезбедуваат дополнителни средства за здравство, за социјална заштита, за земјоделците, за студентскиот и ученичкиот стандард, за породилните надоместоци, како и за мерката МојДДВ. Исто така се обезбедуваат и 1 милијарда 128 милиони денари за плати и надоместоци, повеќе од првично планираното, односно раст од 2,1%“, појасни Кузманоска.

Пратеничката Кузманоска исто така, потсети дека македонската економија во повеќе последователни квартали бележи стабилен раст од над 3%, додека истовремено се овозможени и над 18,000 нови работни места, кој резултат укажува на тоа дека економијата се движи во позитивна насока и истиот не може да се игнорира

„Со овој ребаланс не се обезбедуваат само средства за тековните потреби, туку инвестираме и во идните можности за вработувања и за претприемништвото. Еден од најдобрите примери за ова е и Оперативниот план за вработување кој и оваа година предизвика огромен интерес кај граѓаните. Само за мерките за самовработување се поднесени повеќе од 5500 апликации, што е најдобар доказ дека граѓаните имаат идеи, имаат желба да работат и имаат доверба кај институциите“, рече Кузманоска и додаде:

„Целта на овој Оперативен план е секој којшто има добра бизнис идеја да добие и реална можност да ја претвори во успешен бизнис. Токму во тоа ја гледам и суштината на овие политики. Не само да се обезбеди работно место, туку да се создадат и услови за граѓаните да бидат двигатели на економскиот развој, да отворат нови бизниси и да креираат нови работни места. Убедена сум дека овие мерки дополнително ќе придонесат за намалување на невработеноста и за зајакнување на домашната економија.“

Кузманоска истакна дека само во првите шест месеци од оваа година даночните приходи достигнаа износ од 74,6 милијарди денари, што е речиси за 15% повеќе во однос на истиот период минатата година.

„Тоа значи дека во Буџетот се слеале речиси 10 милијарди денари повеќе даночни приходи. Истовремено растат и приходите од социјалните придонеси и тоа не е случајност, тоа е показател дека има економска активност, дека има подобра наплата и дека приходната страна на Буџетот е стабилна. Не е само домашната економија тоа што испраќа позитивни сигнали. Тоа го потврдуваат и странските инвеститори. Странските директни инвестиции бележат раст од 46,8% што покажува дека меѓународната бизнис-заедница има доверба во економските политики што ги спроведуваме и во стабилноста којашто ја градиме“, заврши Кузманоска.