На денешната собраниска седница се обрати пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Катерина Димитровска која оцени дека предложениот ребаланс на Буџетот за 2026 година претставува документ што ги поставува развојните приоритети на државата, со акцент на инфраструктурата, образованието, земјоделството и социјалната сигурност.
Димитровска истакна дека со ребалансот продолжуваат капиталните инвестиции, особено во патната инфраструктура и локалниот развој.
„Со овој ребаланс продолжуваат инвестициите таму каде што најмногу и требаат на државата. Продолжува изградбата на коридорите 8 и 10Д. Тоа не е само уште еден инфраструктурен проект. Тоа е проект што ќе ја поврза државата, ќе го забрза транспортот, ќе ги намали трошоците на компаниите и ќе создаде подобри услови за нови инвестиции. Тоа е инвестиција што ќе ја користат генерации, а не само оваа влада. Но, развојот не е само автопат, развој она што се случува во секоја општина. Затоа ми е особено важно што во овој ребаланс продолжува поддршката за инфраструктурните проекти во општините. Затоа што не постои мала или поголема инвестиција кога зборуваме за граѓаните. За некого автопатот е најважен, за друг најважно е конечно да добие асфалтирана улица во своето мало, за третиот најважно е да има вода за пиење. Токму затоа инвестициите во општините се инвестиции во достоинствен живот“, рече Димитровска.
Во своето обраќање таа нагласи дека ребалансот обезбедува континуирани вложувања и во образованието, како и поддршка за земјоделците, истовремено задржувајќи ја социјалната сигурност на граѓаните.
„Продолжуваат инвестициите и во образованието. Не зборуваме само за нови згради. Зборуваме за подобри услови за младите, за подобри услови за студентите и за модернизација на студентските домови. Затоа што ако сакаме младите да останат овде, мора да им обезбедиме услови за достоен живот. Истовремено продолжува и поддршката за земјоделството и тоа е правилна одлука затоа што секој ден вложен кај земјоделецот значи повеќе домашно производство, повеќе домашна храна, поголема сигурност, поголема конкурентност и така натаму. Она што мене ми остави најсилен впечаток е што и покрај сите овие инвестиции државата не се откажува од своите обврски кон граѓаните. Исто така продолжуваат да се исплаќаат платите, пензиите и социјалните права остануваат заштитени. Тоа покажува дека можеме истовремено да водиме сметка за развојот и за социјалната сигурност“, вели Димитровска.
Таа оцени дека предложениот ребаланс не претставува само прераспределба на буџетски средства, туку документ што поставува јасни приоритети за идниот развој на државата.
„Кога ќе ги погледнете сите овие проекти заедно станува јасно дека ова не е ребаланс што само прераспределува средства. Ова е ребаланс што поставува приоритети, а приоритет е инфраструктурата, приоритет е здравството, приоритет е образованието, приоритет се младите, земјоделците, животната средина и најважно од се приоритет се граѓаните. И токму затоа сметам дека овој ребаланс има јасна развојна компонента“, истакна Димитровска.








