Има градови што се препознаваат по своите тврдини, а други по реки или по мориња. Скопје се препознава и по нешто што не може да се допре, но е многу поцврсто, по солидарноста што е втемелена во основите на неговата обнова.
Кога катастрофалниот земјотрес го урна градот во 1963 година, светот не остана рамнодушен. Од сите страни на планетава, без разлика на политичките поделби на времето, пристигнуваа “раце подадени за помош”.
Земјотресот не поштеди речиси ништо од стариот градски идентитет. Урнати или тешко оштетени останаа Старата железничка станица, Офицерскиот дом, Народниот театар, Народната банка, како и дел од историското наследство на Чаршијата – Куршумли ан и Чифте амам. Симбол на таа ноќ остана токму часовникот на Старата железничка станица, засекогаш запрен на 5:17 – часот кога градот престана да биде истиот град.
Скопје доби материјална поддршка каква што малкумина градови во светот некогаш примиле, но доби и нешто повредно од тоа – доби знаење. Знаење како да се гради поинаку, како да се предвидуваат опасностите, како градот да стане поотпорен на ударите на природата.
Токму од таа солидарност и од таа заедничка мудрост на светот, никна Институтот за земјотресно инженерство – установа која денес е столб на нашето разбирање за aсеизмичка градба и живо сведоштво дека помошта што ја примивме не заврши со бараките во скопските населби и со Универзалната сала, туку продолжи да живее во науката и во знаењето на генерациите инженери.
Токму затоа Скопје никогаш не заборава. Градот што некогаш примал, денес дава. Секогаш кога некој далечен крај на светот е погоден од катастрофа, Скопје се јавува – не секогаш со големи суми, туку со нешто подеднакво важно – со искуство стекнато низ болка, знаење родено од сопствената трагедија. Токму таков е и гестот кон градовите во Венецуела, погодени од земјотреси со незапамтени последици. Покрај скромната финансиска помош, Скопје ќе понуди нешто повредно – експертиза.
Нашите колеги од Институтот за земјотресно инженерство при УКИМ ќе ги пренесат своите знаења за асеизмичка градба и за справување со земјотресни ризици на луѓето кои денес го поминуваат истото што и ние го поминавме пред повеќе од шест децении. Кругот се затвора, болката е претворена во знаење, а знаењето е вратено како помош. Не е случајност што низ Скопје шетаме по улици кои ги носат имињата од земјите што ни подадоа рака кога ни беше најтешко. Доволно е да се прошетаме низ градот за да го видиме тоа сведоштво испишано во имињата на улиците – Мексичка, Букурешка, Атинска, Лондонска, Московска, Копенхагенска, Њуделхиска, Римска. Секое од тие имиња носи приказна за рака подадена во најтешкиот момент, а населбите како Тафталиџе во целост се изградени и именувани во чест на земјите донаторки – Чехословачка, Финска, Полска, Норвешка, Швајцарија, Италија, Франција. Тие имиња не се само ознаки на мапата на градот – тие се секојдневен потсетник дека градот е составен не само од бетон и тули, туку и од благодарност. Скопјани паметат. А градот што памети, знае и да биде солидарен.










