Љупчо Пренџов, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, во вчерашното гостување во емисијата „24 Анализа“ на телевизија 24, се осврна на измените на Изборниот законик, како и големиот број на амандмани за истиот, поднесени од страна на опозициските партии СДС и Левица и истакна дека најнапред тие треба да се архивираат, преведат, па дури потоа да се дебатира за секој еден од нив, поединечно, нагласувајќи дека истите во секое време можат да бидат повлечени од страна на подносителите.
„Секој еден амандман којшто е поднесен и од СДС и од Левица може во кој било момент да биде и повлечен, така што јас се надевам дека со ваквите дебати ќе имаме можност да ги соочиме аргументите пред граѓаните и потоа да видиме доколку некој ја увиди својата грешка можеби ќе ги повлече амандманите“, кажа Пренџов.
„Кога се работи за реформите, за иднината на Република Македонија, за реформскиот процес и средствата коишто ги добиваме од Брисел, а ги ползуваат сите граѓани, треба да бидеме многу поодговорни“, рече Пренџов и ѝ се обрати на Лукаревска во однос на две работи, од кои првата се однесува на промените на Изборниот законик и потребата од дискусија, која впрочем се случи на средината на месец јануари, каде што СДС не присуствуваше, и второ гласањето на дијаспората, за кое како што рече Пренџов согласно неговите увидувања, опозицијата нема ништо против тоа дијаспората да гласа.
Пренџов истакна дека електронското гласање за дијаспората е безбедно, поевтино и поефикасно решение, додавајќи дека современата технологија овозможува сигурно спроведување на изборниот процес и намалување на трошоците.
„Денес преку лаптоп, преку телефон можете да направите да платите фактура, стан да купите, а не да не гласате некаде. Тоа ќе биде безбедно, ќе биде заштитено и е фер кон нашата дијаспора. И трето, главните критики коишто држат вода, во Токио се пријавиле осум гласачи коишто сакаат да гласаат. Ние тука испраќаме цела Комисија, авиони и тоа кошта многу илјади евра, вака не кошта ништо. Не може која било банка којашто има заштита на телефон, плаќаме сметки, да има посилна заштита од држава којашто може да ја направи“, рече Пренџов.
Пренџов се осврна и на барањето на Левица за бришење на членот 76ѓ од Изборниот законик: „Барањето на Левица за бришење на членот 76ѓ е прифатливо за сите страни како и бришењето на одредбата која се повикува на казнената одредба“, цитираше Пренџов и додаде: „Заклучок-има согласност за оваа точка“.
Пренџов се надоврза и кажа: „Ние се одрекуваме и дел од средствата коишто ги имаме за реклами, прифаќаме дека секој треба да се рекламира, се одрекуваме од многу работи само рековме дајте, еве ние сакавме да гласаат дијаспората, и вие земавте ни го блокиравте законот, не нас, на државата, го блокирате законот и СДС и Левица“.








