Дафина Стојаноска, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, во изјава за Алфа телевизија, по повод одбележувањето на 36 годишнината од основањето на ВМРО-ДПМНЕ, настан кој вечерва се одржува во Струмица под мотото „Македонија забрзува, наша обврска“, истакна дека ВМРО-ДПМНЕ и денес продолжува по истата патека како и пред 36 години кога партијата беше формирана, со цел развивање на демократските вредности во самостојна и независна Македонија, но секако денес, во согласност со предизвиците кои ги носат новите времиња.
„Денес се соочуваме со нови предизвици, но секако дека не забораваме како започнавме, кои беа идеалите и секако дека со нив, треба да ја газиме и иднината. Европскиот пат е зацртан и во статутот на нашата партија, од нејзиното формирање до денес. Европските реформи, коишто секако дека од нас се бараат треба да се воведат, но секако кажувајќи ја вистината за Македонија и за онаа неправда којашто Бугарија сака да ни ја наметне, а којашто за жал ја прифатија СДС и ДУИ кои ја предводеа владата пред две години“, рече Стојаноска.
Стојаноска во својата изјава уште еднаш го истакна јасниот и непроменет став на ВМРО-ДПМНЕ, за европскиот пат на државата, нагласувајќи ја неопходноста од гаранции дека вметнувањето на Бугарите во Уставот ќе биде последното барање од страна на Бугарија за членството на Македонија во Европската Унија.
„Ние секогаш и секаде го кажуваме нашиот став и нема промена на нашиот став, бидејќи сите се свесни дека без пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, во било коjа комбинациjа во Парламентот, не може да се случат повторни уставни измени и да, нашиот став е уставни измени со гаранции дека вметнувањето на Бугарите во Уставот ќе биде конечно и последно барање од страна на Бугарија, а не прв чекор после којшто ќе згазиме во нова бездна којашто ќе значи повторно бескрај на патот за Европа“, децидна беше Стојаноска.








