03.06.2026

Костадинова: Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во Центар со предлог за враќање на стариот ценовник на ПОЦ

Почитувани,

СДС и Герасимовски спроведуваат легален рекет на центарци.

Преку новите поскапувања на паркингот за жителите на Центар, тие направија да бидеме тугинци во своите маала, во сопствените домови.

Имено, според новиот правилник на ПОЦ, веќе не е важно колку автомобили поседува една личност, туку колку автомобили се регистрирани на иста адреса.

Па така, за возила во различна сопственост, на едно тричелно семејство на иста адреса, за да паркираат 3 возила пред својот дом,ќе треба да платат легален рекет на општината од 24.000 денари годишно или за секое следно возило уште плус 18.000 денари.

Покрај комуналните давачки, Герасимовски на центарци ни испорача кирија за тротоарот и сокаците пред сопствените живеалишта.

Почитувани,

Ова не е мерка за граѓаните, ова е мерка за спас на СДС. Центар и џебот на граѓаните ги претвораат во „гума за спас“ на партија пред колапс.

Не смееме да дозволиме парите на центарци да бидат потрошени за финансирање на мегаломански тендери кај фирми на лични пријатели на Венко Филпче и партиски членови на Социјалдемократскиот сојуз.

Не смееме да дозволиме СДС да ја повлече и Општина Центар во сопствената пропаст. Па затоа, а и поради бројните реакции на граѓаните, ќе поднесеме иницијатива за враќање на стариот ценовник на ПОЦ, како прв чекор до конечно ослободување на центарци од погубните политики на Герасимовски и СДС.