Во емисијата „Анализа“ на телевизија 24 гостуваше пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Пренџов кој истакна дека Република Македонија останува лидер во спроведувањето на реформите во рамки на Реформската агенда на Европската Унија. Тој ги отфрли тврдењата на лидерот на СДС, Венко Филипче, дека 1 јуни е последниот рок за исполнување на реформските обврски, нагласувајќи дека официјалниот рок е 30 јуни. Според него, Македонија и оваа година е држава која реализирала најмногу реформи меѓу земјите од Западен Балкан, поради што повторно добила финансиска поддршка и признание од европските институции.
„Прво, не е точно тоа што го зборува господинот Филипче, дека 1-ви јуни е последниот рок за реформската агенда. Она што е точно е 30-ти јуни. Второ она коешто сме го разговарале овдека пред некаде околу еден месец кај истава оваа емисија, јас тогаш кажав дека ќе видите дека нареден пат кога ќе дојдеме дека Република Македонија исто како лани во месец март така и оваа година ќе биде држава којашто највеќе реформи направила од сите пет држави коишто се од Западен Балкан и дека ќе бидеме држава којашто прва ќе добие средства како лани во март и ќе добие најголем број на средства како што добивме и лани. Тоа се случи и на тоа треба да бидеме горди сите ние овдека чинители и во Собранието и во Владата и граѓаните и вие медиумите бидејќи навистина добро е да Република Македонија после години и години секогаш последна или меѓу последните на опашката, да биде прва во правење на реформи, бидејќи реформите пред се ги правиме за нас, за нашите граѓани и за подобар живот во македонското општество“, рече Пренџов.
Пренџов информираше дека во Собранието се во тек постапки за повеќе закони поврзани со Реформската агенда. Меѓу нив се законски решенија од областа на правосудството, како и Законот за парнична постапка и Законот за медијација, за кои следната недела ќе се одржат јавни расправи со кои ќе се заокружи реформскиот пакет.
„А во рамки на Собранието моментално имаме закони од Реформската агенда неколку коишто се во разни постапки во Собранието. Истите ќе бидат завршени до 30-ти јануари. Онаму каде што се важните закони од правосудството. Еве исто како што и пред 20 дена зборувавме тогаш правевме јавни расправи за други законски решенија коишто беа дел и поминаа. Тоа беше Законот за советот за јавни обвинители. Денес еве ексклузивно кажуваме дека на 9-ти следната недела ќе имаме јавна расправа за Законот за парнична постапка веќе во втора фаза и во второ читање и Законот за медијација во рамки на комисијата за политички систем и очекуваме уште едно законско решение со коешто ќе го комплетираме целиот тој компот околу реформските закони коишто се за гласање. Има еден закон тоа е Законот за јавното обвинителство којшто е двотретински и во рамки на Собранието. Најодговорно тврдам дека до 30-ти јуни додека трае рокот којшто ни го задава Брисел повторно ќе бидеме по трет пат први на Балканот. Први ќе ги извршиме реформите и Собранието ќе биде една од институциите којашто ќе предничи во својата ефикасност“, вели Пренџов.
Тој додаде дека целта на Владата е Македонија да продолжи да биде лидер во реформите и реализацијата на капитални проекти, посочувајќи дека низ државата се реализираат бројни инвестиции.
„Наша работа е да продолжиме Република Македонија да биде лидер во реформи, лидер во добиени средства во буџетот на државата, лидер во автопатишта, лидер во канализации, лидер во се што се прави во Република Македонија, имате патишта, улици, градинки и така натаму. Тоа е нашата цел, тоа е нашата визија за Република Македонија“, заклучи Пренџов.








