01.06.2026

Конески: Крајно време е да имаме национален консензус дека влезот во ЕУ не треба да биде со коленичење и срамни предавства

Тодор Конески, член на ИК на УМС на ВМРО-ДПМНЕ, во емисијата „Само вистини“ на телевизија Канал 5, се осврна на актуелната тема за уставните измени како услов што Бугарија и го поставува на Македонија во процесот на евроинтеграциите. Конески истакна дека членството во ЕУ останува стратешки интерес на државата, но дека тој процес треба да се одвива со зачувување на македонскиот јазик, култура и идентитет и врз основа на широк јавен консензус.

Тој оцени дека опозицијата не ја научила лекцијата, и покрај бројните отстапки што ги направила додека била на власт. Според него, опозициската СДС и понатаму ја наметнува истата тема во јавноста.

„Сите се бориме за Македонија како полноправна членка на ЕУ, само некој се бори Македонија полноправна членка на ЕУ со достоинство, а некој се бори за една обезличена Македонија. Ние сакаме да знаеме дека утре, кога ќе ги отпочнеме пристапните преговори со ЕУ, кои што вие нели ги ветивте со самата промена на името, нема да биде оспоруван нашиот јазик, култура и идентитет“, посочи Конески и додаде:

„Ние треба да влеземе во ЕУ час поскоро. Крајно време е да имаме национален консензус, дека тој влез во ЕУ не треба веќе да биде со коленичење и со срамни предавства кон македонскиот народ. Премногу работи сменивме, премногу пати попуштивме, време е да застанеме цврсто на нашите нозе и да кажеме дека ова е нашата црвена линија. Нашата стратешка цел никогаш нема да е променета. Полноправното членство во ЕУ, е тоа за кое што сите работиме и тоа е евидентно според реформите кои што се спроведуваат, тоа е евидентно според целата работа на оваа Влада што ја работи. Но во таа насока, мораме да се заштитиме дека повеќе нема да бидеме на лошата страна на еден билатерален спор. Поставивме еден многу опасен преседан во ЕУ, дека една држава одвнатре може да го билатерализира процесот на влегување на друга држава“.

Според него, Македонија треба да добие јасни гаранции од Бугарија, како и реципрочно признавање и спроведување на пресудите на Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Тој оцени дека последните уставни измени, поврзани со промената на името на државата, кои беа донесени во време на владеењето на СДС, биле усвоени во нетранспарентен процес, без поширок јавен консензус.

„Ако сега ние безусловно ги прифатиме тие уставни измени, кои што толку време ги зборуваат, а патем тие ги донесоа во нетранспарентен процес каде што немаше јавен консензус и согласност од мнозинството дека се ЗА таков процес, нашиот пат понатаму кон Брисел ќе биде недостоинствен“, истакна Конески.