Почитувани граѓани,
Во една ваква сериозна состојба, додека институциите, пожарникарите и јавното претпријатие деноноќно се борат со пожарот на депонијата, за што граѓаните се редовно информирани и се сведоци на активностите, СДС Радовиш наместо конструктивен пристап, се обидува да ја претвори состојбата во инструмент за дневнополитички напади и собирање ситни политички поени.
Иако Општината континуирано, преку социјалните мрежи со фотографии и видеа, ја информира јавноста за сите активности на терен, крајно нечесно и манипулативно е да се тврди дека не се преземаат никакви мерки. Во изминатиот период, Општината, Јавното комунално претпријатие и Територијалната противпожарна единица деноноќно и со максимални напори интервенираа на терен за гаснење на пожарот и намалување на чадот, со целокупната неопходна механизација постојано ангажирана на локацијата. Таквите тврдења претставуваат свесно искривување на реалната состојба и замајување на јавноста.
Дополнително, граѓаните се сведоци дека видеата кои се објавуваат од страна на СДС Радовиш, се снимаат токму на самата депонија и во моменти кога активностите на терен се во тек, но намерно се изоставуваат клучните делови каде што механизацијата и екипите интензивно работат. Со ваков селективен приказ повторно се создава искривена слика и се доведуваат граѓаните до заблуда.
Наместо поддршка во ваква сериозна состојба, повторно се избираат политички манипулации и обиди за собирање дневнополитички поени.
Факт е дека пожарите и ваквите појави секоја година се повторуваат. Минатата година гореше речиси цела Македонија, шуми, депонии и отворени површини, а сега повторно сме сведоци на слични ситуации. Сето тоа отвора сериозни сомнежи и прашања дали станува збор за организирани и координирани активности, за што очекуваме институциите целосно да ја утврдат фактичката состојба.
Очигледно е дека за СДС, секоја криза претставува можност за евтин политички маркетинг, ширење паника и создавање тензии. Граѓаните добро паметат кој со години ја остави државата без системски решенија, без инвестиции и без суштинска грижа за инфраструктурата и јавниот интерес. Грижата за граѓаните им е на втор план, а одговорноста кон општеството целосно изостанува, со што повторно покажуваат дека наместо решенија избираат манипулации и политички пресметки.
ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува во ваков тип на валкана и деструктивна политика. Нашиот приоритет останува целосно насочен кон заштитата на граѓаните, справување со пожарот и целосно ставање на состојбата под контрола. Јавноста секогаш навремено и транспарентно се информира за сите официјални информации и понатамошни чекори.
На крај, надвор од оваа прес-конференција, сакаме да упатиме искрена благодарност и честитка до сите пожарникари по повод Денот на пожарникарите и сите други кои се активно вклучени во решавањето на овој проблем. Ви благодариме за вашата пожртвуваност, храброст и несебична посветеност, со која секојдневно стоите на првата линија во заштита на граѓаните и справувањето со вакви тешки ситуации. Вашиот труд, професионалност и жртва заслужуваат најголема почит и признание од сите нас.










