03.10.2025

Лукровски: 2 нови резервоари за вода, еден во Нерези, друг во Бардовци за да се реши притисокот со водоснабдувањето

Кандидатот за градоначалник на општина Карпош, Сотир Лукровски, утринава гостуваше на Радио Лидер, каде што даде јасна порака дека Карпош е зрел за промени, бидејќи анкетите се повеќе велат дека тој ќе биде идниот градоначалник на карпошани.

Лукровски истакна дел од проблемите со кои се соочуваат карпошани, но и посочи дека во неговата програма има решение за истите. Тој говореше за проблемот со водоснабдувањето, со оглед на тоа дека е зголемен бројот на жители во Карпош, тој ветува нови 2 резервоари во Бардовци и една во Нерези.

„Се планираат 2 нови резервоари во Бардовци и во висока зона Карпош, односно во Нерези. Ние немаме капацитет за вода, не пак да говориме за градба на згради. Мојот став е дека треба да се гради, меѓутоа тоа треба да е плански’’, соопшти Лукровски.

Проблемот со паркирањето во Карпош е голем предизвик за Лукровски, но решението го гледа во изградба на нови монтажни гаражи кои би го решиле проблемот со паркирањето, а во одреден дел воведување и на зонско паркирање.

Лукровски пред граѓаните вети многу работа, многу труд, пред се чесно и посветено.

„Можам да ветам многу работа, чесна работа, можам да ветам транспарентно работење, присуство меѓу граѓаните. Како човек, сакам да бидам меѓу луѓето и да го слушнам размислувањето. Ние и програмата ја правевме заедно со нив. Да го средиме административниот дел, да бидам помалку во канцеларија, да бидам меѓу граѓаните, да ги слушам проблемите и да ги решаваме заедно’’, заклучи Лукровски.