12.09.2025

Карпош со силна бизнис енергија: панел со над 300 компании и визија за посилна локална економија!

Кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ за општина Карпош, Сотир Лукровски, организираше панел дискусија на тема „Подобрување на бизнис климата во Општина Карпош“, кој обедини над 300 учесници, најголем дел сопственици на микро и мали бизниси од локалната заедница, а се одржа во просториите на Кинотеката на Македонија.

На панелот учествуваа: Сотир Лукровски (дипл. економист, бизнисмен и кандидат за градоначалник), м-р Марјан Ристески (заменик-министер за економија), проф. д-р Сашо Арсов (Економски факултет – УКИМ), Агрон Фазлији (претседател на Занаетчиската комора) и Димитар Поповски (стопанственик од Карпош). Паралелно со дискусиите, B2B средбите отворија конкретни патеки за партнерства и инвестиции, а лајв видеото од панелот досега има над 100.000 прегледи на Фејсбук.

Компаниите се наши соседи и партнери – општината мора да биде сервис, не бариера, истакна Сотир Лукровски, најавувајќи поедноставени постапки, дигитални услуги, транспарентни рокови, поддршка за МСП и јавно-приватни партнерства. „Паркингот и логистикатаќе ги решаваме со паметни, брзи интервенции – од платформски решенија до означени товарни зони.“

Од аспект на централните политики, м-р Марјан Ристески нагласи: „Ефикасна администрација и дигитализација се основа на локалниот економски развој. Општините треба да активираат економско-социјални совети и банка на проекти за побрз пристап до фондови и донаторски програми“.

Говорејќи за човечкиот капитал, проф. д-р Сашо Арсов потсети: „Недостигот од работна сила бара системско усогласување на образовните програми со потребите на бизнисот, како и кратки специјализирани обуки креирани со универзитетите и средните стручни училишта, во партнерство со општините.“

Од страна на занаетчиите, Агрон Фазлији повика на таргетирана поддршка: „Микро и малите фирми се срцето на локалната економија. Потребни се пониски фирмарини, активни мерки за самовработување(вклучувајќи ги новите грантови за млади) и борба со сивата економија за фер пазар.“

Стопанственикот од Карпош, Димитар Поповски, нагласи дека е време општината да премине од декларативна поддршка кон конкретни дела: „Јас како стопанственик 25 години во Општина Карпош барам ефикасност и работа – не само совети на хартија, туку конкретни решенија“, истакна Поповски. Тој додаде дека поголемата интеркомуникација со претприемачите е клучна: „Општината мора да не повика, да слушне што ни смета и потоа ефикасно да одговори“.

Заклучокот е јасен: Карпош има реален капацитет за економски скок тогаш кога општината, бизнисот, академијата и државата ќе делуваат како еден тим, со заедничка визија и со јасно дефинирани приоритети.

Овој панел покажа дека постои силна волја и ентузијазам кај сите чинители – претприемачите кои ја носат локалната економија, академијата која ги подготвува идните генерации, државата која креира политики и општината која е најблискиот сервис за граѓаните.

Соработката и довербата меѓу овие сегменти се основа за создавање стабилна и конкурентна деловна средина, која ќе отвора нови работни места, ќе ги задржува младите и ќе создава услови за нови инвестиции.

Карпош може да стане модел за развој во кој компаниите не се гледаат само како даночни обврзници, туку како вистински партнери во градење на посилна локална економија и поквалитетен живот за сите жители.

Погледнете го целиот панел овде:

https://t.ly/FacebookLivePanel