Почитувани медиуми, почитувани сограѓани,
Со загриженост ја следиме веста за паднатата фасада од зграда во населба Козле. Станува збор за сериозен настан кој, за среќа, помина без повредени, но со силна порака дека безбедноста на граѓаните мора да биде пред сè.
Она што особено загрижува е фактот што ова не е прв ваков случај.
Имено, пред неколку години, на иста ваква кула и во истата населба Козле неколку стотини метри подоле, фасада се урна под слични околности.
Двете фасади, според јавно достапните информации, се дел од програмата за енергетска ефикасност и се реализирани во периодот кога општината Карпош беше под раководство на градоначалник Стевчо Јакимовски.
Во духот на јавната одговорност и транспарентност, веруваме дека е потребна институционална постапка за да се утврдат причините за овие инциденти:
Затоа јавно прашуваме:
Дали изведбата на фасадите била во согласност со техничките стандарди? Кој вршел надзор над изведбата? Дали постои потреба од дополнителна ревизија на слични објекти во општината?
Не упатуваме обвинувања, туку повикуваме на одговорно постапување.
Апелираме до надлежните институции, особено до градежната инспекција, да ги разгледа двата случаи, заради безбедноста на жителите и превенција од нови инциденти.
Истовремено, упатуваме повик до Општина Карпош да изврши контрола на сите згради во кои се извршени фасадни зафати во изминатите години, со цел рано откривање на можни ризици.
Карпош отсекогаш бил симбол на урбан живот, квалитет и безбедност. Да не дозволиме овие вредности да бидат нарушени.
Во име на граѓаните, инсистираме на вистината, но и на корективен однос кон грешките од минатото.
Ви Благодарам.