08.07.2025

Николоски: Остануваме посветени на она што го ветивме, очекуваме убедлива победа во првиот круг во општина Кавадарци

Благодарам на присуството,

Денеска сме во посета на општина Кавадарци, на ОК на ВМРО-ДПМНЕ во Кавадарци.

Почнуваме една серија на посети во рамки на партиската структура,  со месните комитети, општинските комитети, униите, Унијата на жени, Унијата на млади сили, Унијата на ветерани. Да продискутираме за внатрепартиските состојби, за она што следува во периодот којшто е пред нас пред се локалните избори.

Очекувам убедлива победа, уште во првиот круг на актуелниот градоначалник Митко Јанчев, којшто навистина целосно го трансформираше градот и општината Кавадарци и можам слободно да кажам дека општина Кавадарци е водечка општина во Македонија. И она на што најмногу посочувам секогаш кога сум тука, убедливо најчиста и најуредена општина во Македонија , што е еден апсолутен факт и пример од којшто треба да учат сите други.

Во изминатиов период беа реализирани бројни проекти. Во следниов период зборуваме за многу покрупни бројки коишто доаѓаат. Тука е и обиколницата на градот Кавадарци, тука е спојувањето со автопатот, коешто со децении беше најавувано како и други инфраструктурни проекти. Тука е развојот на брзата пруга односно на железницата каде што еве да најавам дека ќе има една отсечка која што ќе води до центарот на градот Кавадарци.

Односно ќе може од Кавадарци да се патува со брз воз од 160 до 200 километри на час патнички сообраќај и 120 километри на час карго сообраќај.

Остануваме посветени на она што го ветивме и на она што беа наши изборни цели изборни ветувања, и се надевам дека ќе доаѓаат и други убави вести во периодот којшто е пред нас.