16.05.2025

Лажна вест, хорски спин: Деструктивно-опозициски медиуми со напад врз историскиот договор со Британија

Потпишувањето на Заедничката декларација за стратешко партнерство со Обединетото Кралство претставува историски чин од највисоко државно значење. Тоа е чин со кој Македонија се позиционира како сериозен, стабилен и вредносно определен партнер во евро-атлантската заедница.

Со големо жалење констатираме дека истовремено со ова државничко достигнување, се појавија апсурдни и злонамерни дезинформации, според кои наводно овој договор содржи одредби за отворање на мигрантски кампови во Македонија.

Јавно и недвосмислено потврдуваме – такво нешто не постои.

Во документот нема ниту една одредба, најава или формулација што се однесува на отворање или организирање на каков било камп за мигранти на македонска територија. Текстот е јавно достапен и секој може да го прочита.

Дополнително, ниту еден сериозен медиум – домашен или меѓународен – кој известуваше од Самитот на Европската политичка заедница во Тирана, не ја спомена оваа фабрикувана теза. Причината е едноставна – затоа што тоа не е вистина.

Не знаеме дали станува збор за свесен обид за нанесување штета, дали е нарачано од политичка партија, поединец или некоја друга структура, или, пак, произлегува од неинформираност и незнаење – но голем дел од медиумите денес излегоа со класична шпекулација, која, како по команда, почна да се шири со единствена цел: да се загрози ефектот од оваа одлична вест за нашата држава и нашите граѓани.

Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ децидно потврдува: било какви договори за мигранти или камп за мигранти не постојат и не се дел од овој документ со Обединетото Кралство.

Оваа „вест“ е лажна вест. И најголем дел од медиумите што ја презедоа тоа го направија спротивно на сите елементарни новинарски стандарди – хорски, со исти наслови и исти текстови, со што самите си ја открија не само несериозноста, туку и својата агенда.

Апелираме до јавноста да не подлегнува на такви деструктивни обиди, туку да биде спокојна и да се радува на добрата вест од овој договор со Велика Британија – договор кој е влог во безбедноста, стабилноста, економијата, и европската перспектива на нашата татковина.

А за оние кои имаат аргументирани критики – од идеолошка или друга природа – или се приврзаници на алтернативни сојузи кон Истокот – би било корисно прво да подготват аргументи, бидејќи лагите како оваа со мигрантите – брзо и болно ќе им изгорат.

Македонија оди напред. Партнерствата што ги градиме се капитал што ќе го браниме – со разум, со факти и со гордост.