07.03.2025

Муцунски: Невистинити се обвинувањата на Кузеска, има 24 часа да се извини, во спротивно ќе поведат постапка за навреда, клевета и нарушување на угледот

,,На денешната прес-конференција на СДСМ беа изнесени целосно невистинити информации поврзани со мене како министер за надворешни работи и надворешна трговија, како и со институцијата со која раководам.

Станува збор за лажни тврдења, кои не соодветствуваат со фактичката состојба. Проектот за кровната конструкција е тековно одржување на објектот на Министерството, со единствена цел превенција од натамошни оштетувања и поплавување – проблем што настана како резултат на несоодветното одржување на зградата во изминатите години, кога институцијата беше под раководство на ДУИ и СДСМ. Постапката за јавна набавка е спроведена целосно законски, транспарентно и во согласност со сите важечки правни процедури.

Дополнително, манипулативен и тенденциозен обид за политичка дискредитација претставува моето лично поврзување со одлуките на други правни субјекти, вклучително и органи на локалната самоуправа, што е неоснована и злонамерна конструкција.

Во таа насока, ја повикувам Богданка Кузеска и СДСМ во рок од 24 часа јавно да се извинат за ширењето лажни информации и грубо манипулирање со јавноста. Доколку тоа не се случи, ќе бидам принуден да преземам соодветни правни чекори, вклучително и граѓанска постапка за навреда, клевета и нарушување на угледот.

Како министер, останувам цврсто посветен на принципите на транспарентност, отчетност и законитост. Работењето на институциите мора да биде засновано на факти и докази, а граѓаните имаат право на вистински и проверени информации“, стои во фејсбук објавата на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски.

Линк од фб објава

https://www.facebook.com/share/p/1AA8gTS8f9/?mibextid=wwXIfr