28.08.2023

Мицкоски: Заедно да ја промениме грдата слика на секојдневието и се избориме за иднина

Почитувани,


Во мое лично име и во име на ВМРО-ДПМНЕ на сите православни христијани им го честитам големиот празник Успение на Пресвета Богородица. Воедно го честитам и денот на рударите кои се одбележува денес.

Денес е денот кога сите ние треба да си спомнеме за христијанските вредности кои со векови се дел од нашата традиција и вера. Љубовта кон ближните, но и хуманоста се темелите на нашата духовност, бидејќи тие не учат дека треба да жртвуваме дел од нас, да бидеме трпеливи и истрајни, за да направиме подобро денес и подобро утре за нас, но и за нашите идни поколенија. Искушенијата и предизвиците се дел од секој пат, но сплотени заедно можеме сите нив да ги надминеме. 

Денес многу македонски семејства ја споделуваат тешката судбина на несигурност, сиромаштија и одземена иднина.

Ако криминалот и корупцијата ги ништат темелите на нашиот дом , тогаш мораме одлучно да се справиме со нив. Ако отуѓеноста и апатијата ни се закануваат, тогаш заедничкиот патриотизам и проактивноста на секој од нас мора да биде одговорот со кој ќе се спротивставиме. 

 Македонските рудари се соочуваат со бројни проблеми и тешки услови за работа. Тоа мора да се промени. Потребни се достоинствени услови за работа и платен труд.
Заедно да изградиме подобро и праведно општество. Ќе донесеме иднина за секој еден човек. Заедно да ја промениме грдата слика на секојдневието и се избориме за иднина.

 За многу години празникот Успение на Пресвета Богородица. Нека Бог и нашата заштитница Мајката Божја ја штитат Македонија.
Нека е вечна Македонија!

 Со почит,
Христијан Мицкоски
Претседател на ВМРО-ДПМНЕ