17.09.2026

Нова детска градинка и камен темелник на првиот трговски центар во Сопиште, асфалтирани и реконструирани улици и патишта во сите населени места во општината

За само една година во општина Сопиште започнаа и се реализираа низа значајни проекти кои носат подобра инфраструктура, подобри услови за децата и младите, почиста животна средина и нови можности за економски развој.

Целосно се асфалтираа улица 11 во Сопиште и улица 1 во Горно Соње во должина од над 1.200 метри, додека во должина од 1.700 метри се реконструираше улица 20 во Нова Брезница, улица 5 во Добри Дол и мостот што ги поврзува ова населено место со Ракотинци.

Започна реконструкцијата на улица 14 во Горно Соње, патниот правец Добри Дол – Марков Манастир, додека со поддршка на Владата се рехабилитираше патниот правец што ги поврзува Света Петка со спојот кон патот за ХЕЦ „Света Петка“, во должина од 1.696 метри.

Посебно е значаен зафатот на главната улица во Сопиште, кај црквата „Св. Мина“, каде што е проширен патниот правец, оспособени се две коловозни ленти и изградени се пешачки патеки од двете страни, а од општината се обезбедени 10 милиони денари за реконструкција на улици во сите населени места.

Во Сопиште е изградена нова пешачка патека, поставена е нова подземна инфраструктура, нови канделабри и урбана опрема, а за граѓаните кои се рекреираат во природа реализирана е и новата рекреативно-планинска патека „Феникс“, која ги поврзува Горно Соње и Крст Водно.

Посебен приоритет на општината се децата и младите, така што во Сопиште е отворена новата детска градинка „Сонце“, со капацитет за 84 деца, за првпат е обезбедена бесплатна училишна униформа за секое дете, а за секое прваче е обезбеден и анатомски училиштен ранец со комплетен училиштен прибор.

По повеќе од 50 години, централното основно училиште „Драга Стојановска“ доби целосно нов кров со нова конструкција, современи кровни панели, нови олуци и систем за одводнување, а дополнително, обезбедена е донација од 100 инвертер клими, со кои се опремени градинките, училиштата и јавните установи.

Започнато е обновувањето на урбаната опрема и модернизирањето на спортските игралишта на територијата на општината, како и на спортскиот центар „Црвена Прст“ и за првпат во Сопиште се постави отворена фитнес зона.

Во однос на екологијата и заштита на животната средина, отстранети се диви депонии во Добри Дол, Јаболце и Говрлево, а реализирани се теренски активности и еко-акции на целата територија на општината и обезбедени се финансиски средства за набавка на две нови возила за јавна чистота.

Со цел подобрување на стабилноста и сигурноста на електроснабдувањето, во Горно и Долно Соње се пуштени во употреба две нови трафостаници, а за постабилно водоснабдување започна и бушењето на нов истражно-експлоатационен бунар со длабочина од 100 метри.

Од друга страна, Сопиште се развива и како нова бизнис дестинација со поставување на камен-темелникот на првиот трговски центар што е инвестиција вредна над 5 милиони евра и паралелно се водат разговори со други инвеститори.

За една година резултатите во општина Сопиште се видливи, а работата продолжува со нови проекти, нови инвестиции и нови можности за граѓаните.