Локалната власт во Свети Николе, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, продолжува со реализација на проекти насочени кон подобрување на инфраструктурата, унапредување на образовните услови и уредување на јавните простори, со цел да обезбеди поквалитетен живот за граѓаните.
Во изминатиот период се реконструираа улици во населените места Амзабегово, Ерџелија и Мустафино, како и повеќе улици во градот, меѓу кои „Карпошева“, „11-та Македонска бригада“, „Петар Поп Арсов“, „Ванчо Ангелов“ и дел од улицата „Скопска“. Со овие инфраструктурни зафати се подобруваат условите за движење и секојдневното функционирање на граѓаните.
Посебно внимание се посветува и на образовните објекти. Уредени се училишните дворови во ООУ „Гоце Делчев“ и ООУ „Св. Кирил и Методиј“, додека во „Кочо Рацин“ се реконструираа фасадата и покривот, со што се создаваат подобри услови за учениците и наставниот кадар.
Покрај инфраструктурата и образованието, општината работи и на уредување на јавните површини. Во тек се активности поврзани со реконструкција на дел од коритото на Горобинска Река, како и со уредување на јавните простори и градскиот парк, со цел создавање почиста, поуредена и попријатна животна средина.
Општината има предвидено и нови проекти во областа на патната инфраструктура, реконструкцијата на училишните објекти и заштитата на животната средина. Фокусот останува на реализација на конкретни решенија што ќе одговорат на потребите на граѓаните и ќе придонесат за понатамошен развој на Свети Николе и околните населени места.








