Општина Јегуновце продолжува да се гради и развива во сите населени места. Граѓаните денес гледаат конкретни проекти на терен, улици, патишта, канализација, осветлување, паркови, инвестиции во училиштата и подобра локална поврзаност.
Во Ратае е ставен во функција колекторот за фекална канализација, изграден е тротоар, поставено е ново улично осветлување, асфалтиран е локалниот пат и изграден летниковец, додека во Жилче се изгради тротоар и постави ново улично осветлување, а во соработка со Јавното претпријатие за државни патишта е асфалтирана значајна делница од регионалниот пат.
Посебен фокус на образованието и учениците се стави во Шемшово, така што се реконструираше и се прошири основното училиште со што се создадоа услови за едносменска настава, а во Сиричино се изгради нов крак од фекалната канализација и во тек е изградба на современ парк со детски реквизити.
Понатаму, во Туденце, Копанце и Ротинце се реализирани конкретни проекти за подобрување на јавната инфраструктура и условите за живот, уредување и осветлување на јавни простори, летниковци, детски реквизити, а со поддршка од Армијата во Ротинце пробиен е локалниот пат кон Жеден.
Во срцето на општината Јегуновце, се изгради локална улица со атмосферска канализација, целосно е реконструирано ООУ „Александар Здравковски“, со проширени капацитети, подно греење и подобри услови за учениците, а во тек е и изградба на нова локална улица со улично осветлување.
Нова улица се изгради во Јанчиште, во Прељубиште е подготвена проектна документација за фекална канализација, во Вратница е изграден локален пат до манастирот „Св. Константин и Елена“, а во соработка со Министерството за социјална политика, демографија и млади е во тек отворање на дневен центар за стари лица.
Во Беловиште се гради локалниот пат кон Петачко Водиче, во Старо Село е уреден патниот правец кон Љуботен и Корита, во Рогачево е реализиран локален пат и се гради нов, во Јажинце е покриен каналот и се подготвува проект за локален пат, а во Орашје е изграден нов локален пат и во тек е поставување на две автобуски постојки.
Но, работата и вложувањето во општина Јегуновце не застанува тука.
Набавено е ново противпожарно возило, обезбедени се социјални пакети за лица во потреба, а секое прваче доби училиштен прибор, а од друга страна се инвестира во спортот и младите, така што финансиски се поддржуваат турнирите во мал фудбал во сите населени места и за други локални спортски активности.
Јегуновце заслужува локална власт која работи за граѓаните и токму затоа продолжува да се гради и развива подеднакво во сите населени места со уште посилно темпо.








