Советникот од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Град Скопје, Сашо Кукески на денешната седница за ребаланс на буџетот на Град Скопје, истакна дека ќе го поддржи, затоа што измени на Програмите се наменети во правец на реализација на проекти кои се од огромно значење за граѓаните на Градот Скопје.
Кукески и образложи измените на сите програми, односно во која програма колку средства се префрлуваат со ребалансот на буџетот, при што посочи дека се одвојуваат повеќе средства за јавна чистота поради зголемениот обем на работа на Комунална хигиена за подигање на дивите депонии, како и за ЈСП со цел надминување на потешкотиите кои секако не се од иста природа како во минатото кога се соочување со недостиг на гориво.
„Во Програмата за јавна чистота имаме 10 милиони, се додаваат за хортикултурно уредување на ново јавно зеленило. Исто така, се додаваат уште 10 милиони заради зголемен обем на работите на Комунална хигиена околу подигање на дивите депонии. Во програмата за социјална, детска и здравствена заштита се додаваат три милиони за дообезбедување заради, за жал, нови барања и нови апликанти. Во Програмата за активности во областа на сообраќајот на подрачјето на Град Скопје за 2026 година во оваа програма се додаваат 20 милиони денари субвенции за ЈСП заради потешкотии во работењето. Но, за разлика од порано нема никакви проблеми со приватните превозници, со нафта и слично. Обврските на ЈСП за само помалку од една година се намалени за околу 700 милиони денари. Останатите 25 милиони денари се наменети за голем сервис, односно реконструкција на жичарата на Водно, што значи дека сега вкупно ќе бидат 45 милиони. Бидејќи 10 години не е направен никаков сервис, сега треба голем сервис и секако истиот кошта повеќе“, истакна Кукески.
Тој додаде дека за поздравување е тоа што во Програмата за средно образование се додаваат два милиони денари за бесплатен ски викенд на средношколците од основниот буџет на Град Скопје, со што ќе се популаризираат локалните скијачки терени, ќе се подигне значењето на зимските спортови во Македонија, посочувајќи дека на подолг рок, оваа активност треба да придонесе за развој на зимските спортови и туризмот преку посетеноста на скијачките терени од младите.
„Направени се измени и кај Програмата за планирање и уредување на градежно земјиште. Се додава нов ред 39 со назив „Изградба на мост во Сарај“, што се работи за уште една капитална инвестиција. Направени се измени во Програмата за ЛЕР, кои се однесуваат на сузбивање на сивата економија, зголемување на приливот на средства во Градот, што ќе донесе до подобрување на условите за престој на туристите преку зголемување на бројот на категоризирани сместувачки капацитети и создавање на фер услови за сите физички лица кои издаваат куќи, апартмани, станови и соби. Измените се однесуваат на програмата ЕАА, ставка 485 во износ од 2,2 милиони денари, кои ќе бидат наменети за изработка на софтвер за евиденција и ажурирање на угостителските објекти за сместување, управувани од физички лица. Туристичката такса се предвидува да биде 40 денари за лице од ден или 32 денари за Град Скопје, со што буџетот на градот ќе добие уште еден дополнителен извор на средства којшто до сега изостанувале“, потенцираше советникот Кукески.
Кукески истакна дека предвидени се и казни за оние коишто ќе бидат фатени дека вршат дејност, а не се регистрирани, при што висината на казните би требало да се од 150 до 200 евра во денарската противвредност.








