Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, денес од Струмица по повод 36 роденден на ВМРО-ДПМНЕ кој се одбележува под мотото ,,Македонија забрзува, наша обврска“, во обраќање пред присутните на настанот истакна дека од Струмица ја испраќаме најсилната порака, вечерва покажуваме дека идејата ВМРО-ДПМНЕ е посилна од кога и да е.
„Ова е гласот на народот кој знае дека Македонија може повеќе. И затоа вечерва од Струмица испраќаме една јасна порака. Порака што ќе се слушне во секој град, во секое село, во секој дом. Порака која веќе се чувствува насекаде околу нас. А пораката е јасна Македонија забрзува и нема назад.Македонија која забрзува!“ кажа Мицкоски и додаде:
,,И потполно сум свесен дека има и такви кои ќе речат дека сето она што го правиме е недоволно. Дека може повеќе. Дека трпението е помало, затоа што проблемите кои ги наследивме се многу пoголеми. Морам да се согласам со нив и да кажам дека ги разбирам. Но не барајте од мене да не кажувам вистина, или да не бидам искрен. И би сакал, да имам, но немам магично стапче со кое преку ноќ ќе ги решиме проблемите создавани со децении. А тие кои го ветуваа тоа, видовме како завршуваа, со голем дебакл и уште поголемо разочарување. Можам јас да кажам дека правиме чекори напред. Мали, можеби не толку големи, но сигурни, и покрај стотиците, илјадниците проблеми кои ни се оставени, и покрај тоа што камен на камен не беше оставено, и се беше уништено, секоја жртва и енергија за заедничката иднина на граѓаните е достојна и ќе биде дадена. Затоа што Македонија забрзува и тие мали чекори во времето кое доаѓа ќе бидат уште поголеми чекори но сигурни“ нагласи Мицкоски.
Мицкоски истакна дека идејата родена пред 36 години продолжува да живее, да расте и да се развива.
„На овој роденден сакам да посочам дека ова е сведоштво дека една идеја родена пред 36 години продолжува да живее, да расте и да се развива. Ова е доказ дека кога една политичка организација е создадена од народот, за народот и во служба на народот, тогаш ниту времето, ниту предизвиците, ниту нападите не можат да ја скршат. Вечерва ја славиме истрајноста. Ја славиме вербата, надежта и љубовта кон Македонија“ кажа Мицкоски.













