Во рамките на политичката платформа насловена „Повеќе учество, повеќе демократија“ која вечерва се одржа по повод 15 септември-Меѓународниот ден на демократијата, во организација на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, на панелот насловен „Учеството како двигател на демократијата“, свое обраќање имаше Елена Ивановска, генерален секретар на Извршниот комитет на Унија на жени на ВМРО-ДПМНЕ и државен секретар во Министерството за образование и наука, која рече: „довербата граѓаните којашто ни ја даваат не е само празен лист хартија и не е само мандат без обврски, за мене, за тимот во којшто сум во министерството за образование како државен секретар, за нас тоа е мандат со голема одговорност и среќна сум што работам во тим од жени, каде што мажите се малцинство и навистина носиме мудри одлуки под раководство на една импозантна жена“.
Ивановска посочи дека кога граѓаните ќе ви ја дадат довербата, се склучува договор со граѓаните, во кој договор, како што вели таа, се става дека институциите ќе функционираат во корист на граѓаните и истиот треба да се потврдува секој ден.
„Институциите коишто ги раководиме треба да бидат професионални, ефикасни, одговорни и транспарентни, а од друга страна пак, политиката треба да ги слуша потребите на граѓаните. Политиката треба да ја претвориме во мерки и резултати коишто ќе треба да го олеснат секојдневниот живот на граѓаните, но исто така и да создаваме натамошни политики коишто нема да создаваат бариери туку ќе го олеснуваат целокупното делување во нашето општествено опкружување“, посочи Ивановска.
Генералниот секретар на Унијата на жени, Ивановска, истакна дека при водењето на институциите особено важна е почитта кон граѓаните, и дека: „институциите не треба да молчат затоа што молкот создава недоверба, а ако одговориме, ако сме транспарентни, на тој начин создаваме и сами одговорност“.
Ивановска сподели дека оттука ја гледа и улогата на жените во политиката и потенцираше дека жените треба да бидат и креатори на одлуки и носителки на промени, а активното учество на жената во политиката е проследено и со носење на храбри одлуки и добри промени корисни и за граѓаните и за целокупното општество, додека довербата од граѓаните може да се оправда со многу работа и резултати.
„Оттука ја гледам и улогата на жените во политиката. Ние жените не треба да бидеме присутни кога се носат одлуки, ние треба да бидеме креатори на одлуки и носителки на промени, можам да кажам дека навистина активното учество на жената носи и храбри одлуки и носи навистина добри промени во нашето општество, кои се во интерес на нашите граѓани“ рече Ивановска и додаде:
„Мислам дека довербата на граѓаните можеме да ја оправдаме само со многу работа, многу резултати, исполнување на она што сме го ветиле, да делуваме превентивно пред да настане проблем, но и кога ќе настане проблем да го решиме“.



















