01.10.2026

Демир Капија се менува, во завршна фаза доградбата на кујната во ООУ „Димче Ангелов Габерот“, изградена атмосферска канализација на ул. Маршал Тито

Една година по промените во Демир Капија, чекор по чекор општината се менува и развива, се инвестира во подобри услови и конкретни мерки за поддршка на граѓаните, реализирани и започнати се повеќе проекти во областа на инфраструктурата, комуналните услуги, образованието, спортот и социјалната поддршка.

Со домаќинско работење дел од проектите општината успеа да ги реализира со сопствени буџетски средства, додека друг дел преку владини програми и преку други институции. 

Така со помош на Владата се изгради атмосферската канализација на улицата „Маршал Тито“ во Демир Капија во вредност од скоро четири милиони денари, а со заеднички финансирања и од општинскиот Буџет се реконструираше фудбалското игралиште и дел од водоводната мрежа во село Клисура. 

На повеќе улици се постави улично осветлување, додека во село Дрен се изгради улица бр. 10 финансирана од Министерството за транспорт во вредност од два и пол милиони денари, санирани се улици во повеќе населени места и исчистени се отворените канали за наводнување и одводнување. 

Покрај инфраструктурните проекти, реализирани се и мерки директно насочени кон граѓаните, меѓу кои поддршка за првачињата преку обезбедување ранци и училиштен прибор, униформи за учениците од прво до деветто одделение, стипендии за средношколци и студенти, еднократна финансиска помош за новороденчиња, финансиска поддршка за прв склучен брак, поддршка за еднородителски семејства и самохрани родители, финансиска поддршка за пензионери. 

Во тек е реализацијата на дополнителни проекти, меѓу кои доизградбата на кујната и ресторанот за исхрана во ООУ „Димче Ангелов Габерот“ во вредност од над осум милиони денари, уредувањето на отворено тениско игралиште, реконструкцијата на улицата „8 Март“, санацијата на дел од фекалната канализација во село Чифлик, рехабилитацијата на улици и крпењето ударни дупки, како и уредувањето на автобуски постојки во Демир Капија, Корешница и Бистренци. 

Исто така, во тек се активностите за уредување на детското игралиште на плоштадот во Демир Капија и адаптација на простор за инклузивна соба во основното училиште, наменета за деца со попреченост. 

Реализацијата на овие проекти е дел од заложбите за подобрување на локалната инфраструктура, создавање подобри услови за децата и младите, како и обезбедување конкретна поддршка за различни категории граѓани.

Инвестициите во патната и комуналната инфраструктура, образованието, спортот и јавните услуги продолжуваат, со цел подобрување на условите за живот во Демир Капија и населените места во општината.