05.08.2025

Пред да лиферува неточни информации, Николовски да се информира, во законско предвидениот рок  МЗШВ веќе ја утврди производната цена за винско грозје за  2025 година


Пред да трча Љупчо Николовски да лиферува неточни информации во јавноста, би го замолиле да се информира, бидејќи Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја утврди производната цена по килограм произведено винско грозје за реколтата 2025 година во законско предвидениот рок, за разлика кога тој беше министер, кога и при започната берба, лозарите не знаеа која е откупната цена на грозјето.

Понатаму, согласно член 21 од Законот за виното, во законски предвидениот рок ја утврди производна цена на двете најзастапени вински сорти на грозје. Начинот на утврдување на производната цена се врши согласно членот 22 од горенаведениот Закон во согласност со Методологијата за пресметка на трошоците за производство на килограм винско грозје на определена површина и соодветен квалитет, која за потсетување на јавноста Љупчо Николовски не ја донесе во неговиот мандат и беше една од првите подзаконски акти кои ги донесе министерот за Цветан Трипуновски и истата беше објавена во сл. Весник бр. 146/2024 од 12.07.2024.

Согласно законските одредби, Министерството објави Јавен конкурс за избор на институцијата за пресметка на трошоците за производство на килограм винско грозје на определена површина и соодветен квалитет на 24.01.2025 година.
По завршување на Јавниот конкурс склучен е договор со Земјоделски институт – Скопје за пресметка на трошоците за производство на килограм винско грозје на определена површина и соодветен квалитет.

Земјоделски институт – Скопје ја утврди производната цена на двете најзастапени сорти од винско грозје во законски определениот рок, по што  врз основа на пресметаната производна цена, зголемена за 25% се утврдија откупните цени на двете најзастапени сорти на винско грозје и тоа откупната цена за килограм Смедеревка изнесува 18,9 денари, а за Вранец изнесува 21,3 денари.

Очигледно е дека Љупчо Николовски не го познава ниту Законот за вино, а за кој се фали дека тој го донел. Јасно пишува во законот дека пресметаната производна цена се зголемува за 25%, а не за минимум 25%.

Откупната цена на двете најзастапени вински сорти на грозје е соопштена во јавноста и земјоделците навремено се информирани. Откупните пунктови веќе се подготвуваат за откупната сезона на грозјето.

Апелираме да не се користи производната и откупната цена на грозјето за манипулирање на земјоделците од страна на политичарите бидејќи земјоделците знаат кој е нивен вистински партнер и работи за нив.

Нашата цел е да обезбедиме фер и транспарентни услови за лозарите, со што ќе се заштитат нивните права и ќе се поттикне развојот на лозарството во нашата земја.

А, на Љупчо Николовски му упатуваме добронамерен совет подобро да не зборува за лозарите, само нека се потсети на неговата средба со лозарите кога буквално поради незадоволство и револт од страна на македонските земјоделци беше исвиркан и избркан.

Најмалку што може некој да збори за македонското земјоделство е токму тој.