Драги пријатели, жители на нашата горда општина Ранковце, дојде денот кога после 4 години успешна работа на актуелниот градоначалник повторно се среќаваме и ја бараме поддршката да продолжиме по истиот пат на промените кои ги започнавме во 2021 година. Затоа сме вечерва тука, со една заедничка мисла и со иста цел, да дадеме силна поддршка за број 9, за твојот, нашиот, вашиот кандидат за градоначалник Даниел Павловски и за советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ, рече членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки на денешниот народен митинг во Ранковце во рамките на кампањата со слоган „Вистинскиот избор! Со твојот човек! За твоето место! За твојата иднина!“.
Ковачки порача дека вечерва сме тука затоа што веруваме во Ранковце, затоа што сакаме да го видиме како расте, да се развива и да станува место каде што вреди да се живее, да се работи и да се создава иднина.
„Оваа вечер нè обединува љубовта кон Македонија и потребата од прогрес на секоја општина, без разлика дали станува збор за мала или голема општина, со повеќе или помалку жители, со етнички доминантно население од која било заедница или не. Станува збор за обединетост за прогрес на сите општини, затоа што така напредуваме и како држава“, рече Ковачки.
Додаде дека Ранковце е рурална и мирна општина, во која живее трудољубив народ, каде луѓето живеат од земјата, од природата и од сопствениот труд.
„И токму затоа, иднината на Ранковце не смее да се гради со празни зборови, туку со реални проекти, со работа и со посветеност. Даниел Павловски е човек кој ја разбира секоја нива, секој пат, секој човек. Тој знае дека земјоделецот треба да има сигурен пласман за производите, пристап до субвенции, навремена поддршка и пристап до инфраструктура. Со неговата визија, Ранковце треба да продолжи да се гради, со асфалтирани улици, со водоводи и канализации, со обновени училишта, т.е. вистински услови за живот. Очекувајте рурален развој и вложување во нови системи и поддршка на земјоделието. Ранковце да стане место каде што луѓето не заминуваат, туку се враќаат“, порача Ковачки.
Од Ранковце, Ковачки посочи дека за првпат општините имаат Влада што не блокира, туку помага, инвестира и создава услови за развој.
„Со оваа Влада предводена од премиерот Мицкоски гледаме конкретни резултати, нови улици, подобрени патишта, реконструирани училишта, инвестиции во младите и во спортот. Пензионерите кои се темелот на нашето општество и на кои им ја должиме државата, ги добија ветените 5.000 денари кои премиерот ги вети во првата година од мандатот. Пензиите дополнително се зголемија за уште 1.000 односно 2.000 денари за сите, без разлика на висината на пензијата“, додаде Ковачки.
На крај од својот говор Ковачки повика на 19 октомври да се гласа за број 9 и за ВМРО-ДПМНЕ, затоа што така се гласа за луѓе што не ветуваат празни зборови, туку за луѓе што работат и за општина која ќе се движи напред, со визија, со план и со резултати.