18.06.2026

Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ е повеќе од партија, ВМРО-ДПМНЕ е најголемиот македонски политички бренд

ВМРО-ДПМНЕ е многу повеќе од партија. ВМРО е име што се памети. Име што носи тежина. Име што буди чувство. Име натопено со солзите на генерации борци, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, од Струмица по повод 36 роденден на ВМРО-ДПМНЕ кој се одбележи на градскиот стадион под мотото „Македонија забрзува, наша обврска“.

Додаде дека ВМРО-ДПМНЕ е најголемиот македонски политички бренд, создаден од историја, борба, болка и жртва, но и од верба и љубов кон татковината, Македонија.

„Со денешен речник кажано, ВМРО е најголемиот македонски политички бренд. ВМРО создаден од историја. Од борба. Од болка, од жртва. Од верба и од љубов кон татковината. ВМРО е идеја што трае. Идеја што поминала низ востанија, прогони, победи, порази, надежи и разочарувања. И сепак останала жива. За да ги предводи следните национални победи. Затоа што нејзината суштина е едноставна и силна. Македонија да биде своја, да биде горда. Македонија да биде почитувана. Во таа идеја има корен, но има и иднина. Има традиција, но има и широчина. Има патриотизам, но има и програма“, рече Мицкоски.

Затоа, додаде Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ денес има сила да биде најдобриот одговор за предизвиците пред Македонија: за економија што расте, за институции што служат, за млади што остануваат дома, за држава што создава и за народ што верува.

„Тоа е нашата обврска. Да ја чуваме идејата, да ја шириме. Да ја претвораме во дела. Затоа што ВМРО не е само дел од македонската историја. ВМРО е причината затоа што Македонија забрзува и Македонија има иднина“, порача претседателот Мицкоски во обраќањето.