20.07.2026

Деловникот во Советот на Општина Неготино важи за сите подеднакво, затоа не може да биде привилегиран никој ниту советникот Темелков

Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Неготино остро реагира на ставовите на МААК во врска со случајот со советникот Љубе Темелков.

Ставовите во соопштението се само обид да се претстави како жртва недоличното однесување на советник на кое  јавноста со месеци сведочи следејќи ги седниците на Советот.

Ние како ОК Неготино јасно укажуваме дека никој не беше отстранет поради политичко мислење, туку поради непочитување на редот и на правилата според кои функционира Советот. Мора да се знае дека демократијата подразбира право на говор, но и почитување на другите.

Советникот Љубе Темелков речиси на секоја седница на Советот избира конфронтација наместо аргументи, лични дисквалификации наместо конструктивна расправа и театар за јавноста наместо работа во интерес на граѓаните.

Укажуваме дека никој нема привилегија да биде над Деловникот. Истите правила важат за сите 15 советници, без разлика дали се од власта или опозицијата.

Наместо соопштенија полни со политички квалификации, многу покорисно би било МААК да го повика својот советник да го почитува Деловникот, институцијата и достоинството на Советот. Доказ за тоа што се случува не се партиските соопштенија, туку јавните снимки од седниците.

Советот на Општина Неготино ќе продолжи да работи согласно законските прописи, почитувајќи ги процедурите и демократските принципи, обезбедувајќи ред, достоинство и ефикасност во работењето.