Општина Демир Хисар во изминатиот период реализира значаен инвестициски циклус, со посебен фокус на модернизацијата на патната инфраструктура и подобрувањето на условите за живот во сите населени места.
Изминатава година во патната инфраструктура вложени се над 90 милиони денари, со што се изградени и реконструирани се повеќе од 10 километри улици и патишта. Станува збор за најголемо годишно вложување во патната инфраструктура во Општина Демир Хисар досега.
Целосно се реконструирани општинскиот пат Демир Хисар – Вардино и патот до Жван, а реализирани се инфраструктурни зафати и во Смилево, Загориче, Бараково, Сладуево, Стругово, Белче и Единаковци, додека во градот се реконструираа улиците „Маршал Тито“ и „Велко Влаховиќ“, со изградба на тротоари и уредување нови паркинг-простори, со кои инвестиции се подобрува безбедноста на пешаците, условите за сообраќај и изгледот на јавниот простор.
Инвестицискиот циклус продолжува и во наредниот период, за што предвидени се реконструкција на патот Демир Хисар – Манастир „Св. Јован Претеча“ – Слепче, реконструкција на главната и изградба на шест споредни улици во Суводол и Кутретино, улици во Вирово, улицата „Партизанска“ во Демир Хисар, општинскиот пат до Обедник, како и изградба на патот Сопотница – Манастир „Св. Атанасиј“.
Значително се зајакнати и техничките капацитети на Општината и ЈКП „Комуналец“, каде што обезбедени се 3,5 милиони денари за трактор со приклучна механизација преку Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион, додека преку Министерството за локална самоуправа е набавен ровокопач со утоварна корпа во вредност од 5.215.000 денари.
Како донација од Министерството за животна средина и просторно планирање ЈКП „Комуналец“ доби и две нови возила за собирање и транспорт на отпад, додека во Стругово е решен проблемот со водоснабдувањето со изградбата на новата препумпна станица, а во следниот период е планирана реконструкција на водоводната мрежа во Слепче и Загориче.
Инвестиции се реализираат и во образованието, при што во сите образовни институции реконструирани се училници и тоалети, набавени се нови клупи и столчиња, паметни табли, телевизори и дидактички материјали, а се преземаат и мерки за подобрување на енергетската ефикасност и со поддршка на Владата изграден е нов спортски комплекс со тениски и баскет терен, вреден 11 милиони денари.
Продолжува и поддршката за граѓаните преку општинските субвенции, така за новороденчиња се издвојуваат 10.000 денари за прво, 12.000 денари за второ и 15.000 денари за третородено дете, додека субвенцијата за првачињата е зголемена на 7.000 денари, а воведена е и субвенција од 10.000 денари за секој ученик запишан во гимназиска струка во Средното општинско училиште.
Посебен фокус се стави и на директната поддршка за граѓаните од социјално загрозените семејства, за што само изминатава година се издвоија 1.200.000 денари, а обезбедена е и финансиска поддршка за дваесетина невладини организации и здруженија за реализација на нивните активности и проекти.
Многу значајна мерка реализирана од општина Демир Хисар е бесплатниот јавен превоз во летниот период, организиран во соработка со ЈП „ДЕХИ ТРАНС“, со кој на жителите од подалечните населени места им е овозможен полесен и бесплатен пристап до градот, додека во пресрет на грејната сезона ќе се распише јавен повик за субвенции за набавка на клима-уреди.
Значаен исчекор е направен и во културата со набавката на професионален кинопроектор и повторното отворање на киното во Домот на културата „Илинден“, со што по речиси 20 години, Демир Хисар повторно има кино и паралелно, продолжува финансиската поддршка за Демирхисарското културно лето, како и реализацијата на бројни културни настани, концерти и други активности со кои се збогатува културниот живот во општината.
Во Демир Хисар продолжуваат инвестициите и реализирањето на проекти кои ги подобруваат условите за животот на граѓаните на цела територија на општината подеднакво.








