Општина Ѓорче Петров посветено продолжува со реализација на проекти во образованието, детската заштита, патната инфраструктура и уредувањето на јавните простори, со фокус на подобрување на условите за живот на граѓаните.
Еден од главните приоритети е подобрувањето на условите во училиштата и градинките, со цел создавање услови за поквалитетна настава и воведување едносменска настава во основните училишта. И токму затоа во тек е изградба на вкупно 22 нови училници во три училишни објекти, шест во ООУ „Страшо Пинџур“ во Даме Груев, осум во ООУ „Јоаким Крчоски“ во Волково и осум во подрачното училиште „Димитар Поп-Георгиев Беровски“ во Хром.
А, паралелно се инвестира и во подобрување на училишните услови, опремувањето на кабинетите и модернизацијата на системите за греење, при што во соработка со УНОПС се планираат активности за надградба на системите за греење во сите шест основни училишта и во објекти на три детски градинки, со примена на современи топлински пумпи.
Значајни инвестиции се реализираат и во детската заштита, така што во Дексион се гради нова детска градинка со капацитет од 120 деца, а продолжува и изградбата на градинката во Стопански двор, исто така со капацитет од 120 деца кој ќе располага и со централна кујна и магацински простор за потребите на ЈУДГ „Росица“.
Од друга страна, општината продолжува со мерки за финансиска поддршка на граѓаните, за првачињата се обезбедени бесплатни ранци, училиштен прибор и еднократна финансиска помош од 3.000 денари, за полуматурантите поддршка од 5.000 денари, додека за младите на возраст од 18 до 25 години е предвидена програма за субвенционирање на полагањето возачки испит од Б-категорија во износ од 10.000 денари.
Финансиската помош за новороденчиња е зголемена на 8.000 денари, поддршка од по 10.000 денари добиваат и учениците со попреченост во основното образование, а во мај беше отворен Центарот за дневен престој и индивидуален третман, наменет за стручна грижа и индивидуални третмани за деца и возрасни со попреченост.
Изминатата година посветено се работеше и на патната инфраструктура, при што изградени се повеќе од 10 километри нови коловози, улици и улични краци. Меѓу значајните инфраструктурни зафати е реконструкцијата на улицата „Воин Драшкоци“ во Хром, изградба на канализациска мрежа на улиците 31 и 37 во руралниот дел на општината, реконструкцијата на улицата 101 во Волково и уредувањето на последната автобуска станица на линијата 22, во соработка со Град Скопје.
Во населбата Александрија е поставена нова топловодна инфраструктура за поекономично и поеколошко централно греење, паралелно се работи и на ново улично осветлување и проширување на мрежата, изградени се три фитнес зони на отворено, а започнува и изградбата на новиот мега-парк „Македонија“ на кејот на реката Вардар, во близина на фудбалското игралиште Македонски лавови.
Во областа на енергетската ефикасност се поставија фотоволтаични централи на училишните објекти, со вкупен капацитет од 2,2 MW, проект што се реализира преку јавно-приватно партнерство, кој освен заштеди треба да обезбеди и дополнителен годишен приход во општинскиот буџет од најмалку седум милиони денари.
Развојот на општина Ѓорче Петров ќе продолжи и понатаму со фокус на инфраструктурата, образованието, поддршката на семејствата и создавањето поквалитетни јавни простори, со цел да биде место каде граѓаните ќе имаат подобри услови за живот, ќе создаваат семејства и ќе ја градат својата иднина.








