Речиси една година откако Ванчо Митев ја презеде функцијата градоначалник на Општина Зрновци, граѓаните се уште чекаат конкретни решенија за проблемите со водоснабдувањето, инфраструктурата, спортот и културата.
Водата за пиење и понатаму е сериозен проблем, наместо конкретни решенија за подобрување на квалитетот на водата, во изминатите два месеца беа објавени два негативни извештаи од Центарот за јавно здравје, со кои беше посочена забрана за користење на водата за пиење.
Никаде ги нема ни ветените проекти за кои не е потребно многу време за реализација, како што се оградување на кејот на река Зрновка, пешачка патека на кејот на реката или, пак, стационарот за кучиња.
Додека за поголемите инфраструктурни проекти кои беа ветени за време на изборната кампања ништо не е чепнато да се работи, за нив не се изготвени ниту идејни решенија, а дополнително загрижува и состојбата со постојната инфраструктура, која наместо да се одржува и унапредува, на повеќе места е оставена да пропаѓа.
Во областа на спортот, наместо развој, сведочиме на загрижувачки состојби. Фудбалскиот клуб згасна, фудбалското игралиште, кое во претходните години беше реновирано и повторно ставено во функција, е запуштено, додека бројот на турнирите во мал фудбал е намален од три на еден годишно, а од друга страна, се уште не се реализирани ветените проекти за младите, како комплексот со ролер парк и алпинистички ѕид.
Ветената „културна револуција“ остана само празно ветување, наместо најавуваните концерти, театарски настапи и богата културна програма, граѓаните досега не добија никакво културно раздвижување на општината.
Затоа, јавно го повикуваме Ванчо Митев од СДС да одговори пред граѓаните до кога мисли да седи во градоначалничката фотелја и да не реализира ниту еден проект кој им го ветил на граѓаните?
Граѓаните на Општина Зрновци заслужуваат одговорна, посветена и транспарентна локална власт, граѓаните не гласаа за празни ветувања, туку за конкретни проекти, подобри услови за живот и развој на општината.






