Со реконструкцијата на Владата се слуша гласот на граѓаните и се потврдува определбата за одговорно, ефикасно и отчетно управување со државата.
Оваа реконструкција е резултат на внимателна анализа на досегашните резултати, но и на јасно искажаните очекувања на граѓаните за побрзи реформи, поголема ефикасност и повисоки стандарди во работењето на институциите.
Сашо Клековски ќе биде нов министер за здравство, додека Министерството за социјална политика ќе го преземе Ѓоко Велковски, кој во моментов ја извршува функцијата заменик-министер.
На местото на Клековски во Фондот за здравство, за нов директор ќе биде назначен Златко Перински. Министер за локална самоуправа ќе биде Иван Стоилковиќ.
Министер без ресор, задолжен за интеграција и имплементација на Стратегијата за инклузија на Ромите, ќе биде Ерџан Демир, кој до сега е претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ во општина Шуто Оризари.
Приоритет на Владата на ВМРО-ДПМНЕ останува подобрувањето на квалитетот на животот, економскиот развој, владеењето на правото, борбата против корупцијата и создавањето институции кои работат исклучиво во интерес на граѓаните.
Новиот владин состав ќе продолжи со засилено темпо да ги реализира започнатите проекти и реформски процеси, со фокус на конкретни резултати, отчетност и исполнување на ветувањата.
Граѓаните очекуваат работа, одговорност и резултати. Владата на ВМРО-ДПМНЕ ја прифаќа таа порака и останува целосно посветена на спроведување политики кои носат подобар животен стандард, стабилност и сигурна иднина за сите.








