30.06.2026

Системот Безбеден град дава мерливи ефекти, 40% помалку жртви во сообраќајот, Владата на ВМРО-ДПМНЕ инвестира во безбедноста на граѓаните

Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ спроведува политики насочени кон модернизација и дигитализација, со цел да обезбеди поефикасни институции и повисок степен на безбедност за граѓаните.

Системот „Безбеден град“, е еден од најзначајните проекти во таа насока, кој е усогласен со европските стандарди и претставува важен чекор кон подобрување на безбедноста во сообраќајот.

За имплементацијата на системот беа обезбедени сите потребни законски предуслови, а процесот се реализираше транспарентно. Пробниот период започна на 1 декември минатата година и веднаш ја покажа реалната состојба на патиштата.

Во првите 24 часа беа регистрирани околу 110.000 прекршоци, од кои најголемиот дел се однесуваа на пречекорување на дозволената брзина, како и 5.000 поминувања на црвено светло и околу 1.000 нерегистрирани возила.

Веќе по првиот ден беше забележан значителен пад на бројот на прекршоци, кој се намали за речиси 50 проценти. До официјалниот почеток на целосната примена на системот, на 1 февруари 2026 година, дневниот број на прекршоци се сведе на околу 500 до 600, што претставува намалување од повеќе од 99 проценти во споредба со почетокот на тестирањето.

Овие показатели потврдуваат дека системот има силен превентивен ефект и придонесува за поодговорно однесување во сообраќајот.

Основната цел на „Безбеден град“ е да се намали бројот на тешки сообраќајни несреќи и да се спасуваат човечки животи, во согласност со стратешката определба до 2030 година значително да се намалат смртните случаи и тешките повреди на патиштата.

По воведувањето во Скопје, Тетово, Куманово, на коридорите 8 и 10 и во Велес, системот продолжува да се проширува. Во изминатиот период беа поставени камери кај Ново Село во општина Дебарца, а започна и постепената имплементација во Охрид.

Најзначајно е што денес може да се зборува за конкретни и мерливи резултати. Во првите пет месеци од примената на системот, бројот на загинати во сообраќајни несреќи е намален за 40 проценти, од 55 жртви во истиот период минатата година на 33 оваа година.

Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ останува посветена на спроведување политики што обезбедуваат поголема сигурност за граѓаните. Проширувањето на системот ќе продолжи, затоа што безбедноста на граѓаните останува еден од највисоките приоритети.