Државните институции две години ја манипулираа јавноста за наводната стратешка инвестиција за производство на електрични автомобили во Тетово. Да ги потсетиме дека во август 2022 година ветуваа дека за шест до осум недели почнува изградба на фабрика за електрични автомобили во Тетово. Тоа не се случи.
Потоа во ноември 2022 година кажуваа дека наводно се спојувале парцели, па затоа изградбата се одолговлекува. Ни парцели споија, ни продолжи инвестицијата.
Па Ковачевски после неколку месеци уверуваше уште некој урбанистички промени се прават и изградбата почнува. Ни фабрика, ни 30.000 автомобили годишно производство немаше.
Сите овие лажни ветувања кои беа давани изминатиот период, не оставаат голема доверба во институциите надлежни за оваа „инвестиција“ која требаше да биде завршена во 2024 година. Зошто би требало јавноста да верува на „жими мајка“ на било кој од оваа власт на ДУИ и СДС.
Дотолку повеќе што, како што известија медиумите само пред неколку месеци, Владата на 26 декември, дала согласност Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони да потпише анекс кон договорот за доделување државна помош склучен со инвеститорот „Некст.е.ГО мобиле“ во август 2022 година. Тоа значи дека само пред два месеци биле правени планови за динамики за исплата на државната помош.
Затоа ја повикуваме власта да го објави во јавноста договорот за државна помош, проценета на 42,5 милиони евра народни пари, а надлежните институции да проверат до денар дали и колку се потрошени буџетски пари за ова потемкино село.