Македонија нема да биде увозно зависна од електрична енергија, ако се направи на време план за модернизација на производните капацитетите како што постоеше пред 6,7,8,10 години во РЕК Битола, Осломеј или ако пак се продолжи со модернизација на хидро капацитетите односно електраните кои што од вода произведуваат струја, вклучително и сите оние проекти коишто се од приватна иницијатива, вклучително и капацитетот на термоелектрана или позната во јавноста како ТЕ-ТО Скопје, Македонија нема да биде увозно зависна од струја“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, проф. д-р. Христијан Мицкоски, во вчерашното гостување во емисијата “Отворено студио”.
Тој посочи дека со квалитетно менаџирање во РЕК Битола можат да бидат оперативни 600 мегавати, 100 мегавати во РЕК Осломеј, од 250 до 350 мегавати од хидроакумулациите, 200 мегавати од ТЕ ТО и 160 од ТЕЦ Неготино. На сето ова како што кажа тој се додаваат и Ветерниот парк Богданци, голем број соларни паркови кои се приватни иницијативи и други енергетски објекти. Ако сето ова правилно се менаџира Македонија ќе има доволно струја за своите потреби, а ќе има и вишоци за извоз.
Но, за жал од Владата не ги менаџираа правилно ресурсите и затоа се случува да МЕПСО и ЕЛЕМ од фирми кои што книжеа огромни профити во минатото, денеска ни се најголеми загубари“, заклучи Мицкоски.
Тој понатаму се надоврза дека целата економска ситуација во Македонија е лоша. И дека во изминативе 5 години имаме само уназадување.
Македонија е посиромашна од претходно, понижена, омаловажена, поделена внатрешно, политички поделена, концептуално поделена и наместо да одиме напред ние како општество назадуваме. Изгубивме 5 години кои многу ќе ни значат понатаму и од тие причини секоја идна влада, а тоа сум убеден дека ќе биде владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе се зафати со сериозни реформи кои ќе ја придвижат Македонија напред, односно ќе донесат поквалитетен живот и ќе ја вратат надежта кај луѓето, рече Мицкоски.
Тој посочи дека денеска 8 од 10 студенти велат дека по студирањето си одат оттука и луѓе со професија, луѓе со знаење, со цели семејства ја напуштаат Македонија.