„Нашите анализи покажаа дека граѓаните во Република Македонија имаат основно, егзистенцијални проблеми. Најголемиот дел од руралните средини па дури би рекол и урбаните средини, централни градски подрачја немаат одвод на отпадни води, канализација, за пречистителни станици и колекторски системи да не говорам. Голем дел од средините немаат питка вода за пиење, нити пак имаат техничка вода, значи немаат водоводни системи, газат кал, при најмал дожд буквално ви треба неколку пара чевли за да можете да ја поминете улицата бидејќи најголемиот дел од средината во Македонија нема асфалт. Ние за ова зборуваме. Очигледно е дека оваа Влада нема намера да инвестира во општините, прво не знае како, а второ бидејќи ВМРО-ДПМНЕ има мнозинство градоначалници еве во 50-тина општини сме дел од локалната самоуправа, 42-43 општини сме директно градоначалници, од власта се реваншираат и нејќат тоа да го прават“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, проф. д-р Христијан Мицкоски.
„Затоа јас ги охрабрувам сите градоначалници во Македонија без разлика дали се од ВМРО-ДПМНЕ, дали се од СДСМ, дали се од ДУИ, дали се од Алијансата, дали се од БЕСА, ве молам работете проекти. Следната Влада на ВМРО-ДПМНЕ има намера 250 милиони евра годишно или 15 милијарди денари да инвестира, да врати назад од централниот буџет за граѓаните за проекти кои што вие ќе ги сработите. Нема да има осветољубие, нема да има реваншизам. Работете затоа што ниту еден граѓанин во Македонија не треба да биде казнет поради неговата политичка припадност или неприпадност“, порача Мицкоски.
Мицкоски додаде дека идната Влада на ВМРО-ДПМНЕ има намера да ја развива Македонија на целата територија на овие повеќе од 25.000 квадратни километри.