Почитувани,
Радикални маргинални структури се обидуваат повторно да предизвикаат вештачки конфликт со симболите на државноста и борбата.
Последниот срамен обид на Левица, да поднесе закон за забрана на името ВМРО, не е ништо друго освен директна нарачка од круговите кои што со децении работат против македонскиот идентитет.
Ова е истата таа агенда што со години се промовира од политички и академските структури и центри во Бугарија:
– Македонија да се откаже од своето револуционерно минато.
– ВМРО да се претстави како на „контроверзен“ или „непосакуван“ дел од историјата.
– Македонскиот народ да се откорне од своите херојски настани.
Сега, истата таа агенда добива домашни извршители во форма на пратениците на Левица.
Ова не е првпат да се случува. Во 2018 година, имаше обид, со поддршка од тогашната власт на СДСМ и ДУИ и СЈО, како инструмент да се укине ВМРО и да се измени законот. Тие обиди беа спречени благодарение на поддршката од пријателски држави и сестрински партии, и тогашната агенда беше разобличена.
Но денес, она што особено ја открива суштината на ова сценарио е фактот што истата таа улога ја презема Димитар Апасиев, тогаш советник во СЈО, денес лидер на Левица. Само што денес, заслепен од сопствената ароганција, сам си ја потврдува улогата: дека е најобична алатка во туѓи раце.
Алатка што кога нема да им користи, ќе ја заменат со нова.
Но, ВМРО е повеќе од име. ВМРО е борба, истрајност, отпор и иднина.
Затоа, како државотворна партија, ВМРО-ДПМНЕ ќе го заштити името, симболот и суштината на македонската борба за слобода.
Ниту еден обид за бришење на историјата нема да помине.
Повторно ќе се види кој стои на браникот на Македонија, а кој, како испостава на туѓи интереси, работи против сопствениот народ.
Историјата не може да се избрише со закон.
А ВМРО ќе продолжи, посилно, почисто, поодлучно од кога било досега.
Ви благодарам.