Почитувани,
Продолжуваме со креирањето и спроведувањето конкретни мерки за младите, со цел да им овозможиме полесно да дојдат до сопствен дом.
Со новата мерка, која ќе биде преточена во законско решение, ВМРО-ДПМНЕ предвидува младите брачни парови до 35-годишна возраст, кои сакаат да изградат сопствен дом, да бидат ослободени од плаќање на комуналии кон општините.
На овој начин, директно го намалуваме финансискиот товар на младите семејства и им даваме дополнителна поддршка при решавање на едно од најважните животни прашања, а тоа е домувањето.
Ова е дел од пошироката политика на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ за поддршка на младите.
Советот на Град Скопје веќе ja усвои мерката со која младите брачни парови до 40 години и самохраните родители, кои сакаат да изградат сопствен дом, се ослободуваат од делот од надоместокот за уредување на градежното земјиште што му припаѓа на Градот Скопје, односно од 60 проценти од вкупните комуналии, за објекти во рамките на Генералниот урбанистички план.
Општина Гази Баба ја реализираше оваа мерка кон крајот на минатата година, со што младите брачни парови до 35 години добија поддршка при изградбата на сопствен дом, односно младите брачни парови се ослободуваат комплетно од комуналиите кои припаѓаат на општината.
Иако мерката првично беше предвидена за лица до 29-годишна возраст, по деталната анализа и согледување на реалните потреби на младите, старосната граница ја зголемивме на 35, односно на 40 години.
Целта ни е да опфатиме поголем број млади брачни парови и семејства на кои ваквата поддршка им е потребна.
Почитувани,
Со вакви мерки, покажуваме дека нашата заложба е поддршката на младите да ја претвораме во конкретни решенија и финансиски поволности. Сакаме младите да имаат перспектива, да можат да планираат иднина во сопствената држава и полесно да го направат првиот чекор кон создавање сопствен дом.
ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да креира и спроведува политики кои ги препознаваат потребите на младите, ги поддржуваат семејствата и создаваат подобри услови за живот и градење на иднина дома.








