13.10.2026

Ружински: Инвестираме во развојот на Берово со нова мултифункционална сала, обновени улици и детски игралишта

Драги  сограѓани, почитувани медиуми,

Довербата што ја добив од вас, ја прифатив како голема одговорност и обврска, да работам посветено, чесно и во интерес на Општина Берово и сите нејзини граѓани.

Денеска, после речиси една година,  од стапувањето на функцијата градоначалник, пред Вас го презентираме сработеното, проектите што ги реализиравме, активностите што ги презедовме, средствата што ги вложивме и резултатите што ги постигнавме во повеќе области,  од значење на секојдневниот живот.

Ова не е само преглед на реализираните проекти. Ова е отчет, за преземената одговорност, за одлуките што ги донесуваме и за насоката во која заедно го движиме Берово. Во изминатиот период, со јасно поставени приоритети и посветена работа, започнавме со реализација на повеќе значајни инфраструктурни проекти, насочени кон подобрување на условите за живот и унапредување на инфраструктурата во Општина Берово и тоа: Започна реализацијата на проектот за изградба на  мултифункционална сала во рамките на Домот на култура „Димитар Беровски“.

Изградена е  на нова пристапна улица – крак од ул. „Мирче Ацев“,  во централното градско подрачје, во Берово. Реконструирани се тротоарите на дел од улицата „Задарска“ и направен е нов зелен појас на улицата, изграден  е армирано-бетонски потпорен ѕид, на улица „Маршал Тито“ во Берово, асфалтирана е  улицата „Гоце Делчев“ во с. Ратево, изграден е канал за  одведување на атмосферските води во с. Ратево, изградени се 2 потпорни ѕида, во с. Ратево.  Оградена и партерно е уредена  депонијата за градежен шут, на локалниот пат „Берово – Абланица -Црвен Брег”, извршено е одведување на атмосферски води од улица “Први Мај” –во  Берово, направена е доградба на фекална канализација во Ромско Маало, втор крак од ул. “23 Август” – Берово.

Поставени се јарболи пред општинската зграда и кај споменикот на загинатите бранители во воениот конфликт 2001 година, реконструирани се мостовите на река Брегалница. Во  тек е  изработка на техничка документација, за поставување на нов фотоволтаичен систем на Пречистителната станица за отпадни води, во Берово. Во тек се проекти за реализација на: Реконструкција на Крак од ул.29.Ноември Берово, реконструкција на крак 1 и крак 2 на ул. 15 Корпус, изградба на Секундарна водоводна мрежа во с. Ратево, реконструкција на крак од ул.Први Мај – Берово, реконструкција на ул.,,2”.

Континуирано се врши обнова на уличното осветлување, при што промена и подобрување на уличното осветлување е извршено во: село Смојмирово и село Будинарци.  Во рамки на Програмата за заштита од штетно дејство на водите за 2026 година, извршено е  чистење на коритото на реката Брегалница. Во насока на подобрување на условите за најмладите: Најмладите жители на селата Двориште и Будинарци, добија детски игралишта. Обезбедeни се  услови за  бесплатно предучилишно образование за деца Роми, во социјален ризик. Во насока на подобрување на условите за образование: Успеавме да подмириме дел од натрупаните обврски на Средното општинско училиште „Ацо Русковски“, со што обезбедивме услови за негово стабилно и непречено функционирање и продолжување на воспитно-образовниот процес во интерес на нашите ученици.

Се реализираат проекти во рамките на Еразмус+ програмата во ОСУ ,,Ацо Русковски” во Берово. Во ООУ  ,,Дедо Иљо Малешевски” поставена е гумирана подлога на  игралиште во подрачно училиште во  с. Митрашинци, а нови светлечки елементи се поставени во училишниот двор во Берово. Покрај тоа, доделуваме средства, кои се  се наменети за поддршка, мотивација и подобрување на условите за живот, енергетска ефикасност, социјална заштита  и образование и тоа: Доделуваме средства за првенец на генерација, за поддршка и признание за најуспешните ученици. За секое првоодделенче и за секој ученик во прва година гимназија, запишани во нашето училиште. За секое новороденче и  првородено дете, за млади лица за полагање возачки испит (Б категорија), за лица со попреченост, за студенти, како субвенција за клима уреди, со приоритет на стари лица, кои живеат сами.

Вложуваме во спортот, преку поддршка на ФК ,,Малеш “ од Берово, поддршка во организација на турнири, поддршка на ППК Еклектик, а имавме и успешна реализација на Работнички спортски игри . Континуирано вложуваме во опремата на ТППЕ Берово, а добивме и специјално противпожарно возило, донирано од Доброволното противпожарно друштво Битње, Република Словенија.

Преку  проект за нега и грижа  на стари лица во домашни услови, се грижиме за старите лица. Во областа на културата, организиравме и поддржавме голем број значајни настани, со кои го збогативме културниот и општествениот живот во Берово – од тридневната новогодишна програма и одбележувањето на големиот христијански празник Велигден, преку настанот по повод завршувањето на учебната година, па се до централниот културно-туристички настан – Етно плоштад фестивалот , кој со својата богата музичка програма и Саемот на традиционални производи „Малешевијата на дланка“, понуди можност за промоција на малешевската традиција, домашните производи и творештвото на локалните изложувачи, привлекувајќи голем број посетители од Берово, регионот, целата држава и пошироко.

Понатаму, презедовме конкретни активности во насока на подобрување на животната средина и јакнење на локалната заедница – организиравме акција за расчистување на депонијата за градежен шут и еколошки акции, обезбедивме финансиски средства за реализација на проекти на граѓанските организации преку јавен повик, организиравме работна средба со претставници од локалната бизнис-заедница, обезбедивме бесплатен Wi-Fi во централното градско подрачје, а со цел поголема вклученост на граѓаните и институциите во решавањето на локалните предизвици, формиравме Локален младински совет, Совет за социјална заштита и Локален совет за превенција, тела кои активно работат и придонесуваат во своите области.

Почитувани сограѓани,

Берово е нашето место под сонцето, нашиот дом и нашата љубов – место кое го носиме во срцето и  кое сите заедно имаме обврска да го чуваме, развиваме и оставиме уште подобро на генерациите што доаѓаат. Затоа,  продолжуваме посветено да работиме, со јасна визија, со конкретни идеи за Берово да биде општина со подобри услови за живот, повеќе можности за младите, поддршка за семејствата и нови перспективи, за секој наш граѓанин. Особено ми е важно да создадеме општина во која младите ќе имаат причина да останат, да се развиваат, да ги реализираат своите потенцијали и тука да ја градат својата иднина.

Овој отчет е пресек на сработеното во изминатиот период, но и основа за она што следува. Верувам дека најголемите резултати ги постигнуваме тогаш кога работиме заедно, со иста цел, со меѓусебна доверба и со искрена желба, да направиме нешто добро за нашата заедница. Ви благодарам за довербата, за поддршката и за секој предлог, за секоја конструктивна критика и  секоја сугестија. Продолжуваме да работиме за Берово – за нашите граѓани, за иднината што заедно ја создаваме.

Ви благодарам!