18.10.2026

Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ прогласи убедлива победа во Брвеница, 4 спрема 1, СДС декласиран

Почитувани граѓани,

ВМРО-ДПМНЕ е убедливо прва, и има огромна победа во првиот круг на изборите за избор на градоначалник во општина Брвеница.

Нашиот кандидат Стојанче Радичевски освои огромно мнозинство на гласови, а разликата во однос на нашите конкуренти од СДС е поголема од 4 спрема 1.

На повторените избори за градоначалник на општина Маврово и Ростуше тогаш победивме со разлика поголема од 2 спрема 1, а денес победата во Брвеница е поголема од 4 спрема 1. Иако само пред неколку дена раководството на СДС најавуваше убедлива победа во Брвеница, сепак СДС е декласиран од граѓаните и тоа е важна порака од граѓаните до нивното раководство.

Честитки за граѓаните на Брвеница што се одважија и овозможија уште една голема победа пред се за нив а потоа и за Македонија, што е јасен показател дека народот е со ВМРО-ДПМНЕ и дека народот одбира прогрес, единство и исправна борба за иднината.

Со оглед на тоа дека имаше повеќе кандидати во изборот за градоначалник, многу веројатно е дека ќе има втор изборен круг, каде што како фаворит влегува кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, со освоени околу 3.000 гласа, втор е според нашите анализи е кандидатот на ДУИ, со нешто повеќе од 2.100 гласа, а трет е кандидатот на Влен односно Вреди, а четврт е кандидатот на СДС. Независниот кандидат којшто беше поддржан од политичката партија Левица освои околу 50тина гласови.

Од волјата на народот нема бегање и тој е неприкосновен судија.

Сакам најнапред да им се заблагодарам на сите граѓани кои денеска го остварија своето право на глас. Благодарност и до сите кои беа вклучени во организацијата и спроведувањето на изборниот процес.

Демократијата подразбира натпревар на различни идеи, програми и кандидати. Но, кога ќе заврши гласањето, останува една обврска која важи за сите: да се почитува волјата на граѓаните.

И токму од таа волја произлегува политичката порака на денешните избори.

Сакам да му честитам на нашиот кандидат, на сите кои работеа посветено во изминатите недели и, пред сè, на граѓаните коишто ни ја дадоа својата доверба.

Оваа поддршка за нас има големо значење.

Резултатот од денешните избори има и пошироко политичко значење.

За нас, ова е уште една потврда дека граѓаните ја препознаваат и ја поддржуваат политиката што ја водат ВМРО-ДПМНЕ и Владата.

Политиката на конкретни проекти, на исполнување на ветувањата и на преземање одговорност за преземените обврски.

Оваа доверба за нас претставува дополнителен поттик да продолжиме уште посилно.

Свесни сме дека граѓаните имаат големи очекувања. Дека има проблеми што сè уште чекаат решение. Дека има многу работа пред нас.

И затоа, како претседател на Владата, сакам да испратам јасна порака.

Владата ќе продолжи да вложува во развојот на општините. Во патишта, водоводи, училишта, комунална инфраструктура и во создавање подобри услови за живот.

Тоа важи и се разбира за Брвеница. Ќе продолжиме посветено, со јасни приоритети и со уште поголема одговорност. Тоа е политиката зад која стоиме. И тоа е политиката со која ќе продолжиме и понатаму да функционираме.

Почитувани,

Сакам вечерва да изразам почит и кон сите останати кандидати кои учествуваа на овие избори. Секој од нив имаше можност да ја претстави својата визија за Брвеница. И секој граѓанин имаше право слободно да одлучи кому ќе му ја даде својата доверба. Таа различност треба да ја почитуваме. Брвеница е дом на луѓе од различни националности, вери и политички убедувања. Тоа заедништво е вредност која мора да се чува. И затоа верувам дека, независно од исходот на политичкиот натпревар, најважната обврска на идниот градоначалник ќе биде да работи за сите.

Драги пријатели,

Пред Брвеница е уште една важна одлука. На 1 ноември граѓаните повторно ќе имаат можност да одлучуваат за иднината на својата општина. Ќе побараме поддршка од сите граѓани на Брвеница. Во овој изборен процес влеговме со јасна програма, со конкретни проекти и со цврста определба да ја продолжиме започнатата работа. И со тие цели продолжуваме и понатаму.

Брвеница има потреба од нови инвестиции. Од подобра инфраструктура. Од решавање на комунални проблеми. Од повеќе можности за младите и подобри услови за живот во сите населени места. Сакам да нагласам уште нешто.

Политичките натпревари доаѓаат и поминуваат. Но, луѓето остануваат да живеат заедно. Остануваат нивните семејства, нивните соседи, нивните пријателства и заедничките потреби. Затоа, нашата обврска е јасна. Да се грижиме подеднакво за сите населени места. Да ги решаваме проблемите на секој граѓанин. Да ги исполнуваме преземените обврски. Нашата посветеност кон Брвеница продолжува.

Победата е огромна, но и нашите обврски за оваа општина се огромни. Со конкретни проекти. Со одговорност. Со почит кон секој човек. За една Брвеница за сите. Да ја сочуваме силата на единството. Одиме на вкупна победа!