Почитувани сограѓани,
Зад нас е уште една година исполнета со работа, инвестиции и реализација на бројни проекти во Општина Могила. Нашата цел останува иста – подобар квалитет на живот, современа инфраструктура, подобро образование, поголема поддршка за семејствата и младите и рамномерен развој на целата општина.
Оваа година особено внимание посветивме на инфраструктурата. Се асфалтираа улици во повеќе населени места низ општината. Меѓу нив се улиците „АСНОМ“ и „Гоце Делчев“, каде што, покрај реконструкцијата на коловозот со профил од 7 метри, се изградија и атмосферска канализација и тротоари.
Со асфалтирањето на последните 660 метри, целосно го комплетиравме патниот правец Долно Српци – Беранци, во вкупна должина од 1.400 метри, обезбедувајќи побезбедно и поквалитетно поврзување за жителите. Во тек е и реконструкцијата на улицата „Пелагонија“, а во фаза на потпишување е договор за асфалтирање на уште неколку улици, со што продолжуваме континуирано да ја подобруваме патната инфраструктура низ општината.
Продолжуваме и со решавање на еден од најважните инфраструктурни проблеми – фекалната канализација. Потпишан е договор за доизградба на канализационата мрежа во Добрушево, од која околу 70 проценти беа изградени изминатиот период. Особено значајно е што обезбедивме средства од приближно 30 милиони денари за комплетирање на канализационата мрежа во Ивањевци. Со тоа создаваме услови конечно и целосно да се реши овој долгогодишен проблем.
Во тек е изградбата на нов водоводен систем, еден од позначајните инфраструктурни проекти со кој ќе бидат опфатени речиси половина од населените места во Општина Могила и ќе се обезбеди посигурно и поквалитетно водоснабдување за жителите.
Инвестициите продолжија и во образованието. Една од позначајните инвестиции е проектот за подобрување на енергетската ефикасност на јавните објекти, со вкупна вредност од 25 милиони денари. Со него се опфатени спортската сала „Иљо Лопатички“ во Могила и основните училишта „Браќа Миладиновци“ во Добрушево и „Кочо Рацин“ во Ивањевци.
Во спортската сала е предвидена нова котлара со автоматски котел на биомаса – пелети, нова внатрешна грејна инсталација, модернизација на осветлувањето и поставување фотонапонска електроцентрала.
Започнаа значајни реконструкции во училиштата. Се градат нови енергетски ефикасни фасади со топлинска изолација, нова ПВЦ столарија, подобрување на системите за греење и поставување фотонапонски панели на кровот .
Со оваа инвестиција обезбедуваме подобри услови за учениците и спортистите, значителни заштеди на енергија и помали трошоци за функционирање на јавните објекти.
По три децении постоење на Општина Могила и долгогодишно очекување, можеби еден од најзначајните проекти што го реализиравме е изградбата на првата детска градинка во нашата општина, со капацитет за 40 деца. И покрај бројните предизвици со кои се соочувавме во текот на реализацијата, денес објектот е целосно изграден и се наоѓа во завршна фаза.
Но, тука не застануваме. Аплициравме за адаптација на постојни простории во детски градинки во мултифункционалните објекти во Добрушево и Ивањевци, со цел создавање современи услови за згрижување на нашите најмлади и голема поддршка за младите семејства. Грижата за семејството ја покажуваме и преку конкретна финансиска поддршка.
Поддршката за првачињата ја зголемивме на 9.000 денари, а секое прваче добива и ранец со училишен прибор. Оваа помош ја обезбедуваме и за децата чии родители се приматели на социјална помош, како и за сите деца со попреченост од нашата општина. За новороденчињата обезбедуваме 10.000 денари за прво дете, 15.000 денари за второ и 30.000 денари за трето дете.
Нова мерка е и поддршката од 20.000 денари за новосклучените бракови. Со оваа мерка испраќаме јасна порака – сакаме младите да останат тука, да создаваат семејства и својата иднина да ја градат во Општина Могила.
Не ги забораваме ниту нашите повозрасни жители. Дваесет обучени и лиценцирани негуватели започнаа со работа и обезбедуваат нега и помош на стари и изнемоштени лица во нивните домови. Во Могила функционира пензионерски клуб, а во новоизградениот мултифункционален објект во Добрушево обезбедивме и опремивме посебна просторија за пензионерите, каде што ќе имаат свое место за дружење, активности и значајни средби.
Годината ја одбележавме и со значајни инвестиции во спортот и младите. Особено сум горд на новиот фудбалски терен со вештачка трева, изграден во рамките на проектот „FIFA Arena“, во соработка со Фудбалската федерација на Македонија. Могила е една од само две општини во Македонија што добија ваков современ терен, со што значително ги подобруваме условите за тренинг на нашите деца, младите спортисти и Фудбалската школа.
Континуирано обезбедуваме финансиска поддршка и за сите спортски клубови од нашата општина, затоа што сакаме спортот да биде достапен за што поголем број деца и млади. Обезбедени се средства и за доопремување на спортскиот комплекс „Димче Могилчето“, како и за реконструкција на постојните и изградба на нови детски катчиња во 12 населени места, со лизгалки, нишалки и други детски реквизити.
Младинскиот центар започна со реализација на настани и активности, а во текот на летото се реализираше и Летниот камп за нашите деца и млади. Оваа година ја зголемивме поддршката и за културата, традицијата и локалните настани. Ги поддржувавме културните и спортските манифестации, верските и традиционалните собири
и иницијативите што ги обединуваат нашите жители и го зачувуваат идентитетот на нашиот крај.
Работевме и на поголема економска активност. Во зоната Петилеп, која има исклучително значајна местоположба покрај автопатот Прилеп – Битола, започнаа првите инвестиции. Тоа е важен чекор кон привлекување на нови инвеститори, отворање работни места и создавање нови можности за локален економски развој.
Во текот на годината организиравме и обуки за ИТ вештини и претприемништво за рурална жена, создавајќи можности за стекнување нови знаења и поголема економска вклученост. Продолживме да го зајакнуваме и нашето комунално претпријатие. Во соработка со Владата обезбедивме три нови камиони, од кои два веќе се пристигнати, а набавени се и нови канти и контејнери. Со новата опрема создаваме услови за поефикасна работа и повисоко ниво на комунална хигиена во сите населени места.
Но, чиста општина не се создава само со механизација. Затоа активно се вклучивме во повеќе еколошки акции, а засадивме и над 200 нови садници. Сето ова е резултат на работа, соработка и јасна определба Општина Могила да продолжи да се развива. Зад секоја улица, училиште, игралиште, мерка или нов проект стои една иста цел – подобар живот за нашите жители.
Не застануваме тука. Продолжуваме со нови проекти, со обезбедување средства и со работа во секое населено место. Затоа што нашата обврска не е само да зборуваме за иднината на Општина Могила. Нашата обврска е секој ден да ја градиме. Почитувани жители, заедно продолжуваме да ја создаваме Општина Могила во која вреди да се живее, да се создаваат семејства и да се гради иднина.










