Почитувани медиуми, почитувани мои сограѓани,
Пред скоро една година вие ми ја дадовте вашата доверба да продолжиме заедно да ја развиваме Општина Петровец. Денес, гордо стојам пред вас за се она што заедно го постигнавме.
Најнапред, сакам искрено да ви се заблагодарам за довербата. Ви ветив дека ќе работиме одговорно, чесно и посветено, дека ќе ги решаваме проблемите на граѓаните и дека ќе продолжиме да ја градиме нашата општина.
Денес не зборуваме само за ветувања. Денес зборуваме за реализирани проекти. За решени проблеми, за инвестиции во секое населено место, за работа која се гледа.
Во изминатата година Општина Петровец реализираше голем број проекти од изборната програма, но и проекти кои произлегоа од реалните потреби на нашите граѓани. Работевме рамномерно, во сите населени места, затоа што секој жител заслужува еднакво внимание и еднакви услови за живот.
Денес Општина Петровец се развива со забрзано темпо и слободно можам да кажам. Во населените места Сушица, Горно Коњари , Катланово, Блаце, Кожле, Тотинци и Брезица извршивме бушење на нови бушотини за водоснабдување. Со овој проект решивме еден од најзначајните проблеми со кои се соочуваат жителите од овие населени места.
Во Средно Коњари реализиравме повеќе значајни инфраструктурни проекти. Поплочивме со бекатон плочки улици во вкупна должина од 350 метри. Поставивме нова канализациона мрежа во должина од 280 метри, со што го решивме проблемот со запушувањето на канализационата мрежа.
Посебно внимание посветивме и на образованието, за сите ученици обезбедивме работни униформи. Во ООУ „Братство и единство“ извршивме реконструкција на плафонот и поставивме нови електрични светилки, со што создадовме подобри услови за учениците и наставниот кадар. Дополнително, извршивме и докомплетирање на помошните простории на спортската сала.
Во Долно Коњари инвестиравме во спортот и младите. Изградивме повеќенаменско спортско игралиште, кое создаде нов простор за спорт, рекреација и дружење на младите. Игралиштето го пуштивме во употреба заедно со министерот Борко Ристовски.
Во Ржаничино реализиравме повеќе проекти. Во новата населба Блок 6 асфалтиравме четири улици во вкупна должина од 850 метри, по претходно поставување на канализациона и атмосферска мрежа, улично осветлување и тротоари на истите улици.
Дополнително, направивме и две улици со павер елементи, во истото населено место. Во Огњанци асфалтиравме две улици во должина од 700 метри. Во исто време, продолживме со изградба на канализационата мрежа, со што денес околу 90 проценти од населеното место Огњанци е опфатено со канализациона мрежа.
Во н.м Петровец продолживме со сериозни инфраструктурни проекти. Асфалтиравме три улици, во должина од 280 метри.
За подобрување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот, изработивме нов сообраќаен проект за Петровец и Ржаничино, кој беше одобрен од СВР Скопје, по што истиот го реализиравме со поставување на вертикална и хоризонтална сообраќајна сигнализација.
Во Катланово асфалтиравме три улици во должина од 300 метри. Во Катлановска Бања реализиравме асфалтирање на улица во должина од 180 метри. Во населба Градманци реализиравме изградба на улица со павер елементи.
Покрај капиталните проекти во населените места, Општина Петровец во изминатата година реализираше и низа активности од значење за целата општина.
Во Петровец, Огњанци, Ржаничино и Средно Коњари извршивме тампонирање на улици во вкупна должина од 1.900 метри.
Исто така извршивме чистење на мостовите на реката Пчиња во Горно Коњари, Средно Коњари и Бадар, како и чистење на сите одводни канали на територија на Општина Петровец.
Спортот и младите остануваат еден од нашите приоритети. Општина Петровец финансиски ги подржува и ќе продолжи да ги подржува сите спортски клубови и културно уметнички друштва од нашата општина.
Во соработка со Фудбалската федерација на Македонија, извршивме реконструкција на фудбалските терени во Петровец, Ржаничино, Долно Коњари и Средно Коњари.
Со овие инвестиции создаваме подобри услови за спорт, рекреација и правилен развој на нашите деца и млади.
Но, една општина не се развива само со инфраструктура. Општината е тука пред сè за луѓето. Затоа во изминатата година продолживме со мерки за поддршка на различни категории на граѓани.
Општина Петровец додели 2.500 денари за пензионерите со пензија до 23.000 денари, дадовме по 4.000 денари за секое прваче, како и 20.000 денари за лица со попреченост.
Особено внимание посветивме на социјално загрозените семејства. Во текот на годината обезбедивме и доделивме повеќе од 230 хуманитарни пакети по повод христијанскиот празник Велигден и муслиманскиот празник Рамазан Бајрам.
Затоа што грижата за граѓаните не смее да биде само декларативна. Таа мора да биде конкретна и видлива.
За подобрување на услугите што ги обезбедува Јавното комунално претпријатие и за поефикасно одржување на јавната чистота, Општината набави два камиони за собирање на смет.
Ова е уште една инвестиција за подобрување на комуналните услуги и почиста Општина Петровец.
Почитувани сограѓани, Нашата работа не завршува со ова што денес го презентираме, напротив, продолжуваме.
Во завршна фаза е асфалтирање на патот Дивље-Средно Коњари во должина од 6.630 метри како и културниот дом и новата детска градинка, која се гради во училишниот двор ООУ Кочо Рацин во Петровец.
Со изградбата на детската градинка трајно ќе го решиме проблемот со упис на децата во градинките. Тоа значи подобри услови за децата, но и конкретна поддршка за младите семејства од нашата општина.
И додека ги завршуваме започнатите проекти, веќе го подготвуваме следниот циклус на инвестиции. Продолжуваме со градежната офанзива! Завршена е изградбата на нов парк во училишниот двор на ООУ „Кочо Рацин“ во Петровец.
За младите направивме три теретани на отворено во Петровец, Ржаничино и Катланово. Во дворот на градинката Авионче направивме детски забавен парк.
По барање на жителите од ул.1 од Петровец извршивме санација на мостот кој им служи да пристапат до нивните домови. Извршивме и чистење на депониите во Огњанци и Петровец. Ќе продолжиме со изградба и реконструкција на улици, ќе инвестираме во спортот, образованието и комуналната инфраструктура.
Затоа што нашата цел е јасна: Секое населено место да се развива, секој проблем да има решение и секој граѓанин да почувствува дека Општина Петровец работи за него.
Почитувани мои сограѓани, продолжуваме заедно да ја градиме нашата општина – јас, заедно со советниците од советот на Општина Петровец и општинската администрација, ќе работиме посветено и одговорно за создавање на подобри услови за живот, во нашата општина.
Затоа што Општина Петровец заслужува да се развива, а вие мои, почитувани заслужувате да живеете во подобри услови.










