08.10.2026

Славковски: Реконструкција на локалните патишта, инвестиции во комуналниот сектор и директна поддршка за жителите на Старо Нагоричане

Почитувани сограѓани,

Пред неполна една година благодарение на вашата огромна поддршка уште во првиот изборен круг ја презедов одговорноста за раководење со Општина Старо Нагоричане. Функцијата градоначалник ја прифатив апсолутно свесен дека таа не e привилегија, туку обврска, одговорност и доверба што ми ја доделивте токму на мене.

Денес сакам да ви се заблагодарам за укажаната довербата, ви благодарам за подршката и ви благодарам за трпението, сугестиите и критиките кои ми помагаат заеднички да  ги креираме политиките  за да остварам што е можно подобри резултати за сите нас. По една година, пред вас не излегувам со нови ветувања, туку со отчет за сработеното. Отчет за реализираните активности и проекти.

Отчет за проектите што се во тек и отчет за проектите за кои се обезбедени средства и кои претставуваат следен чекор во развојот на нашата општина.

Во изминатата година работевме одговорно, чесно и посветено: Се со цел да изградиме силна локална самоуправа, благодарение на вредни и упорни  луѓе кои секојдневно несебично работеа за остварување на конкретните резултати за  жителите на општина Старо Нагоричане.

А воедно со општинските средства  управуваме одговорно и рационално, создадовме функционален систем кој денес се трудиме да работи беспрекорно. Затоа, паралелно со грижата за вработените, посветено работиме и на одржувањето на финансиската стабилност на самат институција. Уште во првата година обезбедивме законски предвидени средства за  усогласување на платите за секој  вработен во  ТППЕ Старо Нагоричане во износ од  4.500 денари месечно.

Обезбедени се  и средства од Буџет на општина Старо Нагоричане за редовно исплаќање на хранарина и исплаќање на сите законски обврски спрема сите  вработени во ТППЕ. Врз основа на судска пресуда која ја имаа покренато вработените од ТППЕ во претходниот период кон општината за неисплатени обврски од страна на општината кон нив, пред стапување на мојата функција, од Буџетот на Општина Старо Нагоричане се исплатени 1.500.000 денари, со што се опфатени главниот долг, каматата, адвокатските и судските трошоци.

На сите вработени им е исплатен  регресот за годишен одмор за 2026 година, во висина од 60% од просечната исплатена нето-плата во претходната година. Денес можеме одговорно да констатираме: Дека по една година сите финансиски побарувања по превземените договори за јавни набавки и тековните трошоци се сервисираат навремено. Нема доспеани, а неподмирени финансиски  побарувања и општината нема ниту денар долг кон било кој.

Тоа е основата врз која се гради економски  стабилна општина. Во првата година инвестиравме во подобро функционирање на ЈКП – „Козјак’’, подобра патна инфраструктура, подобро образование, подобра грижа за децата, но и мерки за младите како и мерки  за лицата со посебни потреби. За потребите на ЈКП „Козјак’’ од сопствени средства на Буџетот на општината, а пред се за подобро улично осветлување набавивме електро материјал во износ од 193 000 денари со кој се сервисира и одржува мрежата за улично осветлување.

Во тек е  набавка на контејнери и канти за смет  за собирање на комунален отпад во висина од 550.0000 денари, средства обезбедени од буџетот на општината, кои по завршување на постапката за јавна набавка ќе бидат предадени во сопственост на ЈКП „Козјак“, со цел да изградиме што побезбедна, почиста и поздрава животна седина за жителите на општина  Старо Нагоричане.

Во делот на подобрување на водоснабдувањето,  во с.Младо Нагоричане во тек е постапка за отпочнување на реконструкција на резервоар на централен водовод и набавка на пумпи  кои ќе бидат предадени на користење на ЈКП „Козјак“ во вредност од 1.500.000 денари, средства обезбедени од Буџет на општина Старо Нагоричане. Врз основа на одлука од Совет, а со средства обезбедени  од Буџет на општината редовно се покриваат сите финансиски побарување спрема ЈКП „Козјак’’ за мерката плаќање на јавни комунални такси на семејства кои имаат лице со посебни потреби.

ЈКП „Козјак“ во периодот откако сум градоначалник е поддржано со 2.600.000 денари трансфер од општинскиот буџет, согласно одлуката на Советот. Од Буџетот на општината во висина од 211.000 денари склучен е договор за набавка на  хидранти кои на неколку локации каде има потреба  ќе бидат поставени за подобрување на мрежата на противпожарна заштита, за подобра, побрза и навремена интервенција на пожарникарите.

Со средства обезбедени од Светска банка преку Министерството за транспорт и врски целосно се завршени :

-Втора фаза реконструкција на локален пат со должина од 660 метри,

во с. Стрновац, во вредност од 7.171.180 денари.

-Вос.Младо Нагоричане маала Аџинци е реконструиран малски пат во должина од 572 метри, во вредност од 5.026.666 денари.

-Извршена е и реконструкција на локален пат во с.Младо Нагоричане од м.в Ветеринарна станица до ООУ ,,Христијан Карпош’’ во должина од 627 метри, во вредност од 9.291.471 денари.

-Во с.Младо Нагоричане маала Пиленац  е завршена реконструкција на локален пат во должина од околу 564 метри, со вкупна вредност од 3.958.534 денари, финансиски средства обезбедени од првиот повик од унгарскиот кредит.

Резултатите се видливи, оваа се конкретни завршени проекти кои ќе придонесат значајно за побезбедно и побрзо движење на населението од населените места од самата општина. Општина Старо Нагоричане продолжува да се развива, продолжуваме со сериозна инвестиција во подобрување на  патната инфраструктура. Во постапка за избор на изведувач е проектот за реконструкција на локалниот пат до манастир  Забел с.Старо Нагоричане, во должина од 775 метри, во вредност од 9.050.300 денари, со средства обезбедени преку Владата од првиот повик на унгарскиот кредит и кофинсирање од буџетот на Општина Старо Нагоричане.

Континуирано се работи и на тековно одржување на локални патишта на територија на општина Старо Нагоричане. Извршена е набавка и во тек е вградување на тампонски материјал  во висина од 3.000.000 денари, средства од буџет на општината. Ќе отпочнеме, односно веќе е избран изведувач за поправка на постоечки асфалтирани патишта односно крпење на ударни дупки во вредност од околу 3.000.000 денари со средства исто така обезбедени од Буџетот на општина Старо Нагоричане. 

Овие километри не се само бројка. Развојот не завршува со реализираните активности. Со средства обезбедени од Владата преку вториот повик од унгарскиот кредит склучен е договор за реконструкција на локален пат во Старо Нагоричане кај фабриката Бонум во должина од 530 метри, со вредност од 5.216.385 денари. Склучен е и договор за реконструкција на пат во м.в Дол  во Старо Нагоричане во должина од 280 метри со износ од 3.945.955 денари.

Исто така е потпишан и договор со изведувач, за започнување со реконструкција на локален пат во с.Добрача во должина од 2.173 метри, во вкупна вредност од 23.721.318 денари, дел од средствата се одезбедени од Втор повик унгарски кредит односно 20.721.318 денари од кредитот и  кофинансирање од Буџетот на општина Старо Нагоричане во износ од 3.000.000 денари. Сите три проекти кои ќе започнат со реализација, доколку овозможат временските прилики планирано е да се завршат до крајот на оваа календарска година.

Тие ќе значат подобра поврзаност меѓу населените места и полесно секојдневно функционирање  на граѓаните низ општината. Во реализација е и изработка на техничка документација за реконструкција  на патната инфраструктура во општината во износ од 2.000.000 денари, средства обезбедени од Буџет на општина Старо Нагоричане,со што во наредниот период се создаваат услови за изготвена техничка документација при отворени повици за обезбедување на средства за реализација на идните проекти.

Со ЈП Водостопанство на РМ во неколку наврати извршивме чистење на дел од критичните места во река Пчиња, исчистивме неколку канали покрај локалните патишта и во наредниот период ќе се продолжи со истите активности. 

Иднината на Старо Нагоричане не се темели само на патната инфраструктура. Иднината на општината се младите и нивните семејства. Затоа за најмалите од Буџетот на општина Старо Нагоричане се одвојуваат по 30.000 денари, средства за секое новороденче. За секое прваче запишано во учебната 2026/2027 година се исплатени по 6.000 денари помош. Обезбедени се и по 12.000 денари, средства за редовните студентите кои редовно се исплаќаат од Буџет на Општина Старо Нагоричане. 

Врз основа на донесена одлука од Советот, а согласно обезбедени средствата од Буџет на општина Старо Нагоричане, со износ од 255.000 денари е обезбедена три дневна бесплатна екскурзија за сите ученици од деветто одделение. Тоа е инвестиција директно насочена кон најмладите жители кои се иднината на нашата општина. Општината во која сакаме да продолжи животот, нема да запреме во создавање на подобри  услови за младите семејства  и  нивните деца.

Интензивно се работи на изградба на подобри услови за учениците преку градежни активности во ОУ Христијан Карпош и ПОУ -Ѓорговци,  како и на градежни активности во ОУ Светозар Марковиќ с.Старо Нагоричане во висина од 600.000 денари, средства  обезбедени од Буџетот на Општина Старо Нагоричане . Реализацијата  е скоро завршена. Станува збор за различни инвестиции, но сите имаат една заедничка цел: Старо Нагоричане да биде поуредно, побезбедно и поквалитетно место за живеење. Со обезбедување на конкретни мерки директно насочени кон жителите на општина Старо Нагоричане сме и во иднина ќе бидеме нивната директна подршка.

Една година подоцна-резултатите зборуваат.Почитувани сограѓани, пред една година ја побаравме вашата доверба. Денес, по една година ја оправдуваме со работа и конкретни резултати. Зад нас е година во која: се инвестираше во патишта, се изгради инфраструктура, се одржува и стабилизира уличното осветлување, се поддржа комуналниот сектор, се инвестираше во подобра иднина на учениците, се сервисираа наследените обврски, се исплатија тековните обврски, се обезбедија средства од Владата, се обезбедија средства од Светска банка, но, најважно од сè: Општина Старо Нагоричане продолжи да работи и да се развива.

Не тврдам дека се решени сите проблеми. Можам да ветам уште многу работа. Но веќе денес имаме јасна насока, финансиска дисциплина, започнати и реализирани проекти и обезбедени средства. Ова не е крајот на една работа. Ова е почеток на повеќегодишен развоен процес. Помина скоро една година. Резултатите се видливи. А работата продолжува, за Старо Нагоричани, за секој негов жител, за иднината што ја градиме и ќе продолжиме да ја градиме заедно.