13.07.2026

Димитровска: Спортот повторно е меѓу врвните национални приоритети, за две години реализирани и започнати 60 спортски проекти

Почитувани,

Спортот и инвестирањето во здравјето и развојот на младите, повторно е дел од врвните национални приоритетии и тоа го прави токму Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Од преземањето на одговорноста ВМРО-ДПМНЕ да ја предводи Владата, започна силното вложување во капитални инвестиции и спортска инфраструктура. Се реализираа отпочнатите и незавршени проекти, се отпочнаа многу нови и се прават планови за следни капитални инфраструктурни објекти и проекти.

Оваа Влада не зборува само за спорт, оваа Влада посветено гради спорт и тоа може да се види со тоа што само за две години, реализираше и започна 60 спортски проекти со вкупна вредност од над 21 милион евра.

Во изминатиот двегодишен период се реконструираа и започнаа повеќе капитални инфраструктурни проекти, меѓу кои спортската сала „Расадник“, атлетските патеки во Велес и во Гевгелија, спортската сала во Радовиш.

Започна долгоочекуваната реконструкцијата на спортската сала на УКИМ, изградбата на нови спортски сали во Општина Аеродром, во Крушево и во Воената академија во Скопје, како и изградбата на новите трибини на градскиот стадион во Тетово.

Исто така, изградени и реконструирани се бројни игралишта, мултифункционални терени и спортски објекти, а во различни фази на реализација се и девет базени низ државата.

Почитувани медиуми, почитувани граѓани,

Инвестираме во спортот и младите, затоа што крајна цел е да изградиме систем што ќе создава шампиони и инфраструктура што ќе служи со децении.