04.07.2026

Милошоски: Позитивната оценка од Европската комисија е потврда за успешните реформи

Почитувани новинари, почитувана јавност,

Денес сакаме да ја потенцираме важноста на месец јули и за Македонија, но и за проценките коишто Европската комисија ги прави за сите земји кандидати.

Нашите информации говорат дека проценката на Европската комисија за Македонија е позитивна заедно со Албанија и Црна Гора, додека другите земји кандидати од регионот имаат назадување споредено со Реформската агенда, односно Планот за раст утврден од Европската комисија.

Оваа потврда на Европската комисија дека Македонија ги спроведува реформите од Реформската агенда е голем мотив да продолжиме и да го забрзаме овој пат. Но исто така оваа потврда е демант на спиновите коишто ги шири Венко Филипче дека Македонија не исполнува реформски цели.

Оттука би сакале да апелираме до претседателот на СДС, Филипче барем овој месец јули да биде попрагматичен и да ги стави интересите на државата на прво место и да најде начин како да ги уважи и интересите на македонските граѓани во дијаспората и Реформската агенда којашто заеднички е утврдена од многу политички актери и да се усвои Изборниот законик, бидејќи Изборниот законик е дел од Реформската агенда, а она што досега го имаме договорено во работната група во Министерството за правда е резултат на еден широк прагматичен консензус каде што никој не наметнувал било какво решение, напротив, сме стигнале до заеднички јазик согласно одредени стандарди предвидени од ОБСЕ и ОДИХР.

Исто така ја поздравуваме заложбата на Европската комисија, исполнувањето на реформските цели да биде поврзано и со алокацијата или распределбата на средства за одредени земји кандидати.

Во тој контекст очекуваме во текот на месец јули или крајот на месец јули да имаме веќе и предлог за дел од средствата коишто припаѓаат на земји кандидати коишто заостануваат со реформските агенди, да бидат прераспределени кон земји коишто предничат во исполнувањето на реформскиот план, а тоа се Македонија, Албанија и Црна Гора.

И на крајот би сакале да се заблагодариме и на делегацијата на Европската комисија во Скопје и на амбасадорот Рокас и на неговиот тим, којшто на дневна основа во соработка со сите министерства и надлежни институции, даваат добри совети и препораки како Реформската агенда заеднички да ја движиме напред и со тоа да ја задржиме оваа позиција на земја фронтранер во Западниот Балкан по однос на перцепцијата на Европската комисија.