18.12.2024

Стевановски: Општина Новаци продолжува да работи фокусирајќи се на инфраструктурата, младите и спортот

Почитувани,

Иако пред три години затекнав општина чиј долг изнесуваше повеќе од еден милион евра, денес можам да кажам дека успеавме да ги отплатиме натрупаните долгови и успешно да реализираме повеќе од 150 проекти чија вредност надминува 231 милион денари односно 3.8 милион евра.

Во моментот работиме на еден од најголемите проекти што се случил во историјата на постоењето на општина Новаци. Ги градиме главните улици кои ќе ја поврзат новата Индустриска зона во Новаци во должина од 1.5 километри вредни околу 60 милиони денари. Овој проект ќе значи дополнителен раст и развој на целиот регион.

Ја градиме модерната спортско рекреативна патека која ќе значи поврзување на Новаци со манастирот Рождество на Пресвета Богородица што беше едно од моите предизборни ветувања кое веќе се реализира. Вкупната должина на пешачката патека е 1440 метри, а ќе содржи пешачка, велосипедска и атлетска патека. Проектот е вреден 12.8 милиони денари.

Добрата патната инфраструктура е предуслов за обезбедување на добар животен стандард, економски раст и социјална благосостојба. Квалитетна и модерна инфраструктура го олеснува секојдневниот живот, ја зголемува безбедноста, стимулира развој на туризмот и обезбедува рамномерен раст на различните региони.

Во изминатите три години во општина Новаци асфалтиравме вкупно 6,5 километри локални патишта и улици за што сме потрошиле вкупно 35 милиони денари.

Го изградивме плоштадот пред куќата на македонската хероина од илинденскиот период Калеш Анѓа во мариовското село Старавина чија – вредност изнесува 4.5 милиони денари.

Во изминатите три години реконструиравме и изградивме нови тротоари во селата: Далбеговци, Новаци, Добромири, Долно Агларци и Рибарци со вкупна должина од скоро 2 километри.

Изградивме примарен цевковод за водоснабдување на селата: Бач и Живојно со вкупна должина од 6 километри и вредност 23 милиони денари.

Изградивме комплетно нова водоводна и канализациона мрежа на улиците крак 1 и крак 3 кои водат до новата Индустриска зона-Златен клас во должина од 875 метри.

Едно од моите најголеми ветување во предизборието беше изградбата на канализациона мрежа со пречистителна станица во село Добромири. Ветеното се реализира. Ја изградивме првата фаза во должина од 2147 метри. Следната пролет ќе биде целосно завршена по сите еколошки стандарди.

Го исчистивме поројот во село Гермијан и го саниравме газилиштето на река Елешка.

Направивме нова атмосферска канализација во 3 села со вкупна должина од 1,4 км.

На барање на жителите на Општина Новаци го пробивме патот од манастирот Св. Илија Живојно до село Совиќ во должина од 9 км, ги направивме банкините на коловозот на патниот правец Новаци – Рибарци во должина од 3 км и континуирано три години ги санираме полските патишта низ цела територија на Општина Новаци.

Во трите села Бач, Далбеговци и Добромири изградивме и реконструиравме капели.

На барање на жителите од повеќе села изградивме 4 чешми, 2 летниковци и јарболи со знамиња, саниравме два потпорни ѕидови и објектот на Јавното комунално претпријатие во Новаци.

Вложувањето во образованието е еден од најважните аспекти на развојот на едно општество. Квалитетното образование не само што го подобрува животниот стандард на индивидуите, туку и има големо влијание на економскиот развој, социјалната кохезија и иновациите во заедницата.

Во изминатите три години комплетно ги реконструиравме внатрешните тоалети во централното основно училиште Славко Лумбарковски во Новаци, направивме санирање на ѕидовите, молерисување, промена на подовите и други занаетчиски работи во сите подрачни училишта.

Секоја година им доделуваме еднократна парична помош во висина од 10.000 денари на сите првоодделенци а на сите четврто одделенци им набавуваме таблети за следење на наставата.

Први во Македонија на сите ученици во основното образование за секој училиштен ден им обезбедивме оброк.

На сите редовни студенти жители на Општина Новаци кои се запишуваат прва година на прв циклус студии на државните универзитети во Македонија им ја плаќаме школарината.

Вложувањето во младите и спортот има огромно значење, не само за развојот на спортистите, туку и за целокупното општество. Спортот помага во физичкото, психолошкото и социјалното развивање на младите и создава здрави навики за цел живот.

Изградивме спортско игралиште за мал фудбал по најсовремени модерни стандарди во село Бач. Вредноста на овој проект изнесува 6 милиони денари.

Бидејќи ФК Новаци се натпреварува во втората македонска фудбалска лига направивме темелна реконструкција на фудбалскиот стадион во Новаци со што ги задоволивме критериумите и стандардите на ФФМ за сите рангови на фудбалско натпреварување.

Општина Новаци важи за општина која многу вложува во спортот и спортските настани и клубови. Во изминатите години од мојот мандат на спортските клубови и здруженијата за развој на спортот во Општина Новаци сме доделиле вкупно: 18.5 мил. денари.

На барање на младите од Општина Новаци, направивме спортска теретана на отворено во склоп на спортската сала во Новаци , традиционално ги поддржуваме организирањето на меморијалниот турнир во мал фудбал Пеце Матичевски ,саниравме, реконструиравме и обновивме 9 детски паркови во селата: Гермијан, Далбеговци, Новаци, Добромири, Долно и Горно Агларци и Рибарци.

Постојано вложуваме во нашите млади бидејќи тие се нашата иднина. Токму затоа реконструиравме  објект кој е наменет за младите во село Гермијан, го реконструиравме и обновивме Младинскиот центар во Новаци.

Три години по ред го одржуваме Фестивалот на жетвата кој е дводневен саем на механизација, семенски материјал и ѓубрива, домашни производи кои потекнуваат од нашите простори.

Континуирано ги поддржуваме Пелагонските средби кои веќе 24 години се одржуваат во Општина Новаци и редовно ги помагаме разните Здруженија на граѓани и фондации од областа на спортот, културата, едукација и слично.

Вложувањето во зачувувањето на културното наследство на територијата на Општина Новаци е особено важно затоа што  претставува важен дел од историјата на едно општество и неговата културна идентификација. Зачувувањето на овие вредности ги поврзува сегашните генерации со минатото и создава подлога за идентичност и припадност. Со вложувањето во нашите цркви и манастири привлекуваме туристи но и го помагаме локалниот економски развој. 

Постојано вложуваме во заштита на животната средина редовно сервисирајќи ги и чистејќи ги дивите депонии низ цела територија на Општина Новаци.

Уште во првите 100 дена од мојот мандат како што ветив доделивме субвенции за набавка на климатизери, а потоа следуваа субвенции за изградба на термо фасади и за изградба на пластеници со вкупна вредност од околу 5 милиони денари. На секое новороденче им исплаќаме еднократна парична помош. 

Во изминатите три години многу вложивме во изработка на ревизија на проектна документација, урбанистички планови и техничка документација за разни видови на проекти.

Преку проектите Јавни работи и Општинско корисна работа им доделивме привремени вработување на 70 лица со социјален ризик грижејќи се за старите лица од нашата општина.

Во изминатите три години, Општина Новаци посветено работеше на реализација на проекти кои имаат траен и позитивен ефект на локалната заедница и економијата со кои постигна значителен напредок во сите области на општествениот живот подобрувајќи им го квалитетот на живот на нашите жители. Општина Новаци продолжува да работи чесно, макотрпно и посветено на создавање услови за поголем раст и развој, фокусирајќи се на инфраструктурата, младите, спортот и економскиот развој. Оваа динамика на работа создава нови перспективи за иднината на целата општина и за подобрување на животниот стандард на нејзините жители.