Драгана Бојковска, пратеничка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, на денешната седница на Комисијата за финансирање и буџет, во рамките на која се одржа продолжението на надзорната расправа на темата: „Причини за воведувањето администрација во АЛТА банка АД Битола, улогата и постапувањето на Народната банка и институционалната одговорност“, постави прашање до директорот на Фондот за осигурување на депозити, Бехар Емини.
„Дали со воведување на привремената администрација во АЛТА банка АД Битола е настанат ризичен настан во смисла на Законот за Фондот за осигурување на депозити? И со колкав износ на средства располага Фондот заклучно со денешниот ден, колкав е вкупниот износ на осигурени депозити во АЛТА банка и дали Фондот располага со доволно средства за исполнување на своите законски обврски во евентуално неповолно сценарио?, праша Бојковска и појасни дека ваквото прашање го поставува се со цел да се разбере колкав би бил товарот врз Фондот во случај на, како што вели таа, неповолно сценарио, а поради шпекулациите во врска со односната ситуација кои ги шири опозицијата.
Дополнителното прашање кое го упати Бојковска до Емини, беше во насока на правење на споредба на, како што вели Бојковска, помеѓу две различни ситуации во банкарскиот систем, во различни временски периоди во Македонија, односно стечајот на Еуростандард банка и назначувањето на привремена администрација во Алта банка.
„Колку средства исплати Фондот за обесштетување на депонентите по одземањето на дозволата за работа на Еуростандард банка во 2020 година и која е суштинската разлика помеѓу тогашната состојба и сегашната состојба со АЛТА банка, од аспект на законските обврски на Фондот?“, праша Бојковска.
Пратеничката Бојковска додаде дека во 2020 година, НБРМ донела решение за одземање на дозволата за работа на Еуростандард банка, без претходно воведување на администрација, по што се активирал законскиот механизам за обесштетување на осигурените депозити и запраша колку граѓани биле обесштетени од страна на Фондот и колкав бил вкупниот износ на исплати во случајот Еуростандард банка. Бојковска, исто така, побара потврда од Емини, за тоа дека денешната состојба со Алта банка и назначувањето на привремена администрација, не претставува законски основ за исплата на осигурени депозити.
„Во август 2020 година, Народната банка донесе решение за одземање на дозволата за работењето на Еуростандард банка АД Скопје, без претходно воведување на администрацијата, за што денес во Собранието слушнавме и легитимно поставено прашање зошто истото не било преземено и постапено навреме согласно законските надлежности на НБРМ, тоа беше конкретен случај во кој банката ја загуби дозволата за работа и се активираа законските механизми за обесштетување на осигурените депозити“, рече Бојковска и праша:
„Колкав е вкупниот износ што досега го исплатил Фондот за Еуростандард банка, колку граѓани биле обесштетени и можете ли да потврдите на граѓаните дека денешната привремена администрација во Алта банка Битола, сама по себе, не претставува законски основ за исплата на осигурените депозити?“.






