На денешната собраниска седница на Комисијата за финансирање и буџет се обрати Љупчо Пренџов, заменик генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник кој упати критики до претходната влада, посочувајќи дека во периодот кога таа ја водела државата економскиот раст изнесувал само 1,1%, наспроти денешниот просек од 3,7% и растот од 4,2% во вториот квартал, и истакна дека ваквите резултати ја покажуваат разликата во економските политики.
„Главната бројка од којашто тргнува секој буџет е економскиот раст, просекот на економски раст додека вие бевте многу години министер, премиер во владите беше 1,1%, денес просекот е 3,7 а во вториот квартал од оваа година имавме 4,2. Оние јадни 1,1 се повеќе од 4,2 и четири пати помалку. Честопати се подигрувате со тоа третата економија, точно е тоа дека македонската економија расте побрзо од еврозоната и тоа е нормално бидејќи сме мала држава, но ние бевме мала држава кога беше Оливер премиер и министер и таа влада кога бевме мала држава ама со 1% растевме, бевме под еврозоната, бевме стота економија и тоа е многу манипулативно, вака ве слушам како го зборувате и подигрувате небаре вие сакате оваа држава да не успее“, рече Пренџов.
Пренџов се осврна и на инфлацијата во периодот на претходната влада потенцирајќи дека истата достигнала 19,8% и ги посочи покачувањата на платите во МВР и образованието, како и зголемените буџетски средства за плати и пензии.
„Во време кога бевте вие втор човек или прв човек во владата имавме 19,8% инфлација по три пати во маркетите во денот се покачуваа цените, а цената на енергенсите беше иста и слична како сега. Знаат луѓето, господине Спасовски, и не случајно на сите анкети се произнесуваат на начин во којшто претседателот на СДС има рејтинг каков што има, а партијата е таму каде што е петта партија во Скопје, знаат дека во МВР имаме покачување на платите, знаеме дека во образование имаме 48% покачување кумулативно. И затоа почитуван господине Спасовски во рамки на буџетов којшто го критикувате не забележавте дека имаме 3,4 милијарди денари повеќе за плати, не забележавте дека имаме 5,6 милијарди денари повеќе за пензии, не забележавте дека имаме во кварталите раст на оперативен план за вработување и Македонија да биде држава со минимум број на невработени“, дециден е Пренџов.






