10.06.2026

Тушевска: Политиките на СДС ги доведоа земјоделците на раб на опстанок со неисплатени субвенции, пад на сточниот фонд, проблеми со откупот на земјоделските производи

Слушајќи ги вашите тврдења не можам а да не направам споредба помеѓу она што го гледаме денес во Министерството за земјоделие и она што го оставивте вие зад себе, а што велите дека моментално било хаос. Имено, додека со вашиот министер ги блокиравте земјоделците со полиција на улиците, Трипуновски ги отвори вратите на Министерството за дијалог. Додека вие чекавте со месеци за административни постапки, Трипуновски воведе ред, отчетност и брзи решенија работејќи без фалби, туку фокусирано на решавање на проблемите во земјоделието, рече пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Јулија Тушевска обраќајќи му се на пратеникот на СДС, Цветков.
„Кога лозарите протестираа, кога оризарите се жалеа во ваше време, кога тутунарите бараа достоинствена цена на својот труд, одговорот од ваша страна секогаш беше ист. Ветувања, прес-конференции и фотографии за социјалните мрежи. Фактите се сурови. Во владеење на СДС имавме неисплатени субвенции, пад на сточниот фонд, пад на производството на млеко и сериозни проблеми со откупот на земјоделските производи. Денес вие држите лекции за земјоделство, а токму вашите политики ги доведоа земјоделците до работ на опстанок“, истакна Тушевска.
Во однос на состојбата со млечните производи, Тушевска посочи дека кога ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт, субвенциите за литар млеко не беа исплатени цели 17 месеци.
„Да не зборуваме за состојбата што ја оставивте во самото министерство. Најпрвин хакиран систем, потоа изгубени податоци, па укинат колективен договор за вработените, судски спорови поради незаконски постапки и институција оставена во тотален хаос“, рече Тушевска и се надоврза и на неисплатените плати кои СДС ги остави во Македонски шуми и водостопанство, додавајќи дека сето ова не се политички квалификации, туку тие се последици од управувањето на СДС.